АктуелноЛокално

Опасност од оштетување на мост на реката Пчиња кај село Бадар: Ситуацијата алармантна – се очекува интервенција

Регионалниот Центар за управување со кризи (РЦУК) – Скопје алармира за потенцијална опасност од сериозно оштетување на мостот на реката Пчиња, кај селото Бадар во Општина Петровец.

Според добиената пријава, мостот е во лоша состојба, со видливи оштетувања на носечките столбови, дел од кои се искривени и закосени, што претставува сериозна закана за стабилноста на конструкцијата. Ситуацијата дополнително се влошува поради зголемениот водостој на реката Пчиња, како и поради големата количина на дрвен и отпаден материјал натрупан околу основата на мостот.

Граѓаните кои ја пријавиле ситуацијата апелираат до надлежните итно да се преземат мерки за расчистување на насобраниот материјал, со цел да се намали хидрауличниот притисок врз конструкцијата и да се спречи евентуално рушење.

Од Центарот за управување со кризи велат дека Општина Петровец е известена за состојбата и се очекува нејзино понатамошно постапување со ангажирање на соодветни екипи на терен.

Метеоролошките прогнози предвидуваат нови врнежи од дожд во наредните денови, што дополнително го зголемува ризикот. Локалните власти се повикуваат на итна реакција, пред да настане материјална штета или загрозување на безбедноста на граѓаните.

Се апелира до жителите на селото Бадар и околните населби да бидат внимателни при движење во близина на мостот и да ги следат препораките на надлежните институции.