АктуелноЛокално

Нема правда за жртвите од трагедијата – но има експресна „правда“ за протестите: Кривични пријави во Кочани за „организирање отпор“ и „Фејсбук статуси“

Во најновата епизода од апсурдната политичка драма која се одвива во Македонија, МВР сега го најде виновникот за сите неправди во Кочани. На сцена излегоа кривични пријави против четири лица за „организирање отпор“ и уште една пријава за ширење на расистички и ксенофобичен материјал, по трагичната случка во која загинаа над 60 млади лица. Се чини дека во Македонија, кога се случува трагедија, никогаш не е виновна власта која го креирала и го одржува системот – виновни се луѓето кои се осмелуваат да се спротивстават или да покажат малку солидарност.

Како што објави МВР, „за организирање отпор“ се предвидува парична казна или казна затвор до три години. Се прашуваме, дали овие санкции ќе се применат и на оние кои седеа затворени во кабинети и не сториле ништо за да ја спречат оваа трагедија? А за ширењето на расистички и ксенофобичен материјал, затворот се протега од една до пет години. Но, дали некој ќе биде обвинет за ширење на омраза кон најранливите во општеството, во форма на политики кои поттикнуваат дискриминација, а да не збориме и за црната кампања со демонизација и сатанизација на студентите која провладините мегафони под директива на партијата на власт ДПМНЕ жестоко ја водеа со денови само за да ги демотивираат младите да го дигнат гласот и да се борат против неправдите?

Навистина, чудно е како во оваа држава секогаш кога има криза, виновникот магично се менува и вината оди кај некој друг. Првиот план е да се лоцираат обичните луѓе, кои, очигледно, се толку опасни што мора да се стави крај на нивното право на глас и протест. Токму тие што сакаат да се спротивстават на неправдите, а не оние кои ги создаваат од удобноста на нивните фотељи.

А што е со оние кои се директно одговорни за трагедијата, кои не само што ја пренасочија трагедијата во политичка манипулација, туку го оставија народот да се носи со болката и да ја бара вистината по различни патишта? Колку години затвор ќе добијат оние кои не ја спречија трагедијата и создадоа атмосфера на страв и омраза, само за да си ги спасат фотељите?

Да, сигурно ќе најдеме виновни за сите непогоди во Кочани. Се надеваат ли властите дека, како и секогаш, обвинувањата против „обичните луѓе“ ќе го прикријат нивниот неуспех да ја спречат трагедијата? Се прашуваме, кој е вистинскиот виновник за трагедијата во Кочани?