АктуелноЛокалноОгледало

На денешен ден загина народниот херој Димче Мирчев – столарот што стана симбол на отпорот

На 7 април 1944 година, во опколена куќа во Кавадарци, животот го загуби Димче Ѓошев Мирчев – велешанецот кој од скромен столар прерасна во еден од најважните организатори на Народноослободителната борба (НОБ) во Македонија.

Димче Мирчев е роден на 13 ноември 1913 година во Велес, во сиромашно семејство. Работел како столарски работник, но рано се приклучил на работничкото движење. Од 1934 година бил активен член на Обединетиот работнички синдикат на Југославија и организирал бројни штрајкови, поради што неколку пати бил затворан. Во 1940 година станал член на Комунистичката партија на Југославија и бил поставен за секретар на Месниот комитет во Велес.

Со почетокот на војната, Мирчев станал еден од главните организатори на отпорот против фашистичкиот окупатор. Во април 1942 г. го организирал Велешкиот народноослободителен партизански одред „Димитар Влахов“, каде што подоцна станал и заменик командант. По неговото разбивање во 1943 година, тој преминал во илегала, посветено работеше на повторно мобилизирање на борци.

Во 1944 година, партијата го испратила во Кавадарци како секретар на Окружниот комитет на КПМ, каде што работел со Киро Атанасовски на организирање на група борци за Втората македонска ударна бригада. Вечерта на 7 април, бугарската полиција ја опколила куќата каде што се криеле. Одбивајќи да се предадат, тие се бореле сè додека имале муниција. На крајот, за да не паднат живи во рацете на непријателот – извршиле самоубиство.

На 2 август 1949 година, со Уредба на Президиумот на Народното собрание на СФРЈ, Димче Мирчев бил прогласен за народен херој. Неговото име денес го носат улици, училишта и споменици низ државата, а споменот за неговата пожртвуваност живее како инспирација.

Z P

Zvezdanka Pesikj