Кина жестоко против САД: Царините се оружје на економскиот „булинг“ и глобален дестабилизатор
Пекинг, 4 април 2025 – Со ретко остар тон, кинеското Министерство за надворешни работи објави соопштение во кое остро ја осудува политиката на САД за злоупотреба на царините, обвинувајќи ги за економско насилство, унилатерализам и грубо нарушување на глобалниот трговски систем. Според Кина, американската политика е мотивирана од себични хегемонистички амбиции и политиката „Америка пред сè“, која го поткопува меѓународниот поредок и ја втурнува светската економија во хаос.
„Ова е класичен пример на економски булинг,“ се наведува во соопштението, во кое Кина повикува на заеднички отпор против новиот бран на протекционизам од Вашингтон. Според кинеската страна, САД се обидуваат да ги користат царините како средство за притисок и уцена, игнорирајќи ги основните правила на пазарот, договорите во рамките на СТО и интересите на останатиот свет.
Кина порачува дека нема да биде исплашена од закани и притисоци. Напротив, најавува продолжување на политиката на отвореност, трговска и инвестициска либерализација и создавање поволна деловна клима за меѓународните партнери. Притоа, Пекинг ја нагласува потребата од вистински мултилатерализам, заедничко одлучување и рамноправен развој, спротивставувајќи се на идејата дека некои држави имаат ексклузивно право на просперитет.
„Протекционизмот е ќор-сокак. Нема победници во царинските војни,“ се истакнува во соопштението, кое завршува со повик до меѓународната заедница да се обедини во одбрана на правдата, слободната трговија и против сите форми на економски диктат.
Со овој чекор, Кина јасно става до знаење дека е подготвена да ја води битката за нов праведен економски поредок, во кој сите земји ќе имаат еднакво право на развој – без притисоци и закани од моќните.
Целосното и интегрално соопштение на Кинеското министерство за надворешни работи се наоѓа на следниот ЛИНК