(Видео)Архив на срамот: Гоце Делчев, АСНОМ и МАНУ во простории со кофи под покривот што прокиснува
- Во зградата на Археолошкиот музеј се чуваат некои од највредните документи од македонската историја, во услови кои го загрозуваат нивното постоење
Делови од Евангелието по Лука од 12. век, писмата од Гоце Делчев, актот за основање на МАНУ, уставот на МПЦ и Решението за азбуката од фондот на АСНОМ – сето ова национално богатство денес е чувано во депо кое се наоѓа на шестиот кат во зградата на Археолошкиот музеј, низ кое минуваат водоводни и канализациони цевки.
Просторијата нема прозорци, нема вентилација, и нема услови што ги задоволуваат стандардите за чување на вреден архивски материјал. Во случај на пожар, системот за гаснење е со вода – што за хартија е речиси еднакво на уништување. А во секој посилен дожд, делови од просториите на шестиот и седмиот кат прокиснуваат.
„Овие услови се далеку од она што треба да биде заштита на националната меморија. Зградата е репрезентативна, но не е функционална за архив“, вели Димитар Богески, заменик-директор на Државниот архив.
Во декември 2014 година, Државниот архив се пресели од стариот објект кај МАНУ и УКИМ во новата зграда на Археолошкиот музеј – дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“, вреден околу 700 милиони евра. Самата зграда чинеше 42 милиони евра. Но, вработените велат дека тоа било симболично „луксузно гробиште“ за архивскиот материјал.
„При секој дожд се собира вода во кофи низ ходниците. Материјалите се преместуваат од просторија во просторија за да се спасат од влага и прокиснување“, се вели во петицијата што вработените ја испратија до тогашниот премиер Зоран Заев во 2018 година.
Состојбата оттогаш не е променета.
Во депоата на шестиот кат се чуваат над 185 Кадиски сиџили од Битолскиот вилает (од 1607 до 1912), околу 500 отомански документи (фермани, берати, бујурулдии), архиви од Шеријатскиот суд, Вакавската управа, Дебарската и Скопската митрополија, како и Етнографската карта на Македонија од Димитрија Чуповски.
„Ова е материјал што нема цена. Има историска, културна и државна тежина. А се чува во простории подводливи, без циркулација на воздух и изложени на ризици“, вели Богески, кој е дел од институцијата веќе 18 години.
Историјата на Архивот датира од 1926 година кога бил сместен во приватен стан во Скопје, па потоа и во простории на Просветниот дом. Но, првпат наменски објект добива дури во 1969 година, со современи стандарди, специјализирани депоа и лаборатории.
Тој објект, кај МАНУ, функционираше до 2014, кога неговите простории беа преземени од Обвинителството за организиран криминал.
„Тогаш изгубивме објект кој ги исполнуваше сите услови, и добивме архитектонски симбол што личи на музеј, но не е ниту музеј, ниту архив“, вели еден од архивистите, кој сакаше да остане анонимен.
Проект за реконструкција на покривот е во тек, според Службата за општи и заеднички работи. Но, не е јасно кога ќе почне, ниту дали ќе значи целосна санација. Архивистите бараат итно враќање во старата зграда, или барем во објект со соодветни услови – температура меѓу 14 и 20°C, влажност од 50 до 60%, сувост, без директна светлина, и без близина на инсталации со ризик од пожар или поплава.
„Додека државата дебатира, хартијата ќути и се распаѓа. А заедно со неа – и колективната меморија“, предупредуваат вработените.
Видеото е превземено од Радио Слободна Европа.