Стојан Трн Велков: Осудете ме што ја зборувам вистината

Уште еден активист против рудниците на смртта се јави на својот фејсбук профил, после најавата за тужби од страна на „Еуромакс”. Во целост го пренесуваме ставот на Стојан Трн Велков.

„Драги соборци и пријатели, на ден 20. 02. 2019, (сабота) ми пристигна писмо во кое на мое лично име врачено е ’Барање за извинување со опомена пред тужба’, од адвокатот на еуромакс, (извесни „колемишевски и партнери“ од Скопје) заради еден мој статус на фб на 17 јануари, 2019г. Во истата, јас ’недвосмислено сум имал намера да им наштетам на честа и угледот, свесно и смислено сум изнесувал недокажани инсинуации, лаги и невистини за кои не постои ниту еден доказ со кој истото би се потврдило.’

Ја цитирам причината за Барањето:
Имено, на ден 17. 01. 2019 година на Ваш Фејсбук статус го клеветите нашиот клиент, притоа наведувајќи: „Затоа што, еуромакс си ги испраа рацете трубајќи насекаде дека ќе нема цијанид и сулфур (без никакви студии),а всушност без тоа не им се исплаќа да копаат. Другата работа, поважна во случајов е тоа што без цијанид и сулфур, РУДНИКОТ ЌЕ БИДЕ ОПАСЕН. Експлозиите ќе го ослободат арсенот, манганот, сулфурот врзан во карпите и преку прашината ќе биде тровење на велико. Да не зборувам за вибрациите, бучавата, киселите дождови…“ Според Барањето, во рок од 48 часа требаше да се извинам јавно и да ја отстранам мојата објава, со цел да ми се ублажи казната при моето тужење од страна на еуромакс. Мојот рок за извинување, помина вчера. Остана да ја споделам со вас мојата лична реакција:

Е па вака, јас Стојан Велков од Босилово, никому НЕМА ДА СЕ ИЗВИНУВАМ за тоа што ја зборувам вистината и за тоа што сакам да си го заштитам домот на моите/нашите претци и моите/нашите идни поколенија. Сметам дека со таквиот чин би ја поткопал мојата доверба меѓу луѓето и дека ако го сторам тоа ќе биде прв чекор кон ширење на страв низ луѓето кои јавно го кажуваат својот став против рудникот/ците. Ова е подмолен обид за заплашување, но нема да ви помине! Ако некој должи извинување на овој народ, тоа е еуромакс, заради повеќегодишната голгота, ширење дезинформации и прикривање факти од јавноста до нивните сопстевни студии, во врска со многу штетни влијанија на рудниците на смртта! Вие ќе си одите од нашиот дом, а ние ќе останеме тука!

Се’ што досега сум напишал, кажал и дискутирал во врска со проклетите рудници е ЧИСТА ВИСТИНА и е во насока на заштита и зачувување на природата и животната средина, која е ИЗВОР НА ЖИВОТ. Недвосмислено и јасно сум убеден дека рудниците се девастирачки по природата и сите живи организми и додека сум жив ќе се борам против нив! Ако живеам во општество во кое ќе бидам осуден заради тоа што ја зборувам вистината, сакајќи да ја заштитам природата, тогаш тоа ќе биде јасен показател дека јас и тоа општество не си одговараме и ќе ги сносам последиците за тоа. Но ако живеам со луѓе кои ќе застанат на страната на вистината, тогаш за тоа вреди и да се жртвувам. 

Народе мој, да не дозволиме овие бескруполозни профитери да не’ заплашат со подли средства. Јас се борам на страната на Светлината и таму и ќе останам. Тоа е мојот личен повик.
„Можете да ме убиете за џабе, ама за џабе нема да умрам!“
СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА ИЛОВИЦА-ШТУКА!

Во прилог, преку повеќе фотографии, ви го постирам целиот документ: