Божиновски: Сомнежи, молк и двојни аршини во МВР – Кој ќе го „реши“ Ниметула Јакупи?
Во Министерството за внатрешни работи повторно се тресат ѕидовите од тишината – но не од онаа работна, туку од онаа што крие сомнежи, игнорира одговорност и шири непријатен мирис на политички договори зад затворени врати.
Министерот за внатрешни работи Панчо Тошковски, според објавата на истражувачкиот новинар Зоран Божиновски, се соочува со сериозен проблем, но – како што често е случај со неговите претходници – врзани му се рацете. Причината? Заменик-министерот му доаѓа од коалицискиот партнер од албанскиот политички блок, па секоја постапка станува политички ризик.
Случајот „Ниметула Јакупи“:
Јакупи, кој во минатото бил дел од тимот на обвинителката Вилма Рускоска како истражител, сега повторно е во фокусот – но не по заслуги. Напротив, според Рускоска, токму тој бил оној кој „пробивал акции“ од внатре. Божиновски открива дека сега се тргува со доверливи информации – и тоа, наводно, по „двојно повисока тарифа“ од случајот со веќе познатиот Ангел Самараков, кој беше вмешан во слични активности.
Проблемот сега е на масата на заменик-министерот од ВЛЕН, Астрит Исени. Тој, како што се наведува, има две опции: или да го процесуира Јакупи – доколку обвинувањата се точни, или, шокантно, да го „збрише“ во кабинетот како советник. Ваква дилема, во секоја нормална правна држава, би била недозволива. Но не и во Македонија.
Институционален молк – нова нормала?
Новинарскиот обид на Божиновски да добие одговор директно од Исени – пропаднал. Телефонски контакт? Недостапен. Прашан и министерот Тошковски, но тој, во свој стил, избрал – молк. И тоа не е првпат.
Токму таа тишина од врвот на МВР – каде најмалку смееме да имаме нејасни улоги и нејасни одговорности – најмногу загрижува. Додека јавноста очекува реформи, правда и транспарентност, добива игра на политички баланси и „не ми е до мене“ одговори.