АктуелноЛокално

Тројца полицајци од Скопје под истрага за насилство и незаконски упад во дом

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против тројца полицајци од Полициската станица Аеродром – М.Т., С.Р. и Ф.Ѓ., под сомнение дека прекршиле службени овластувања, примениле сила врз граѓанин и противправно влегле во неговиот дом.

Според наводите од истрагата, на 24 февруари годинава, М.Т. и С.Р. се појавиле пред станот на оштетеното лице во Скопје, барајќи да разговараат со него во врска со пријава поднесена од неговата сопруга. Кога сопственикот на станот одбил да ги пушти внатре, укажувајќи дека немаат судски налог, М.Т. насилно влегол во неговиот дом, започнал да го влече, го удрил по ногата и се обидел да го приведе, а сето тоа се случило пред очите на неговиот малолетен син.

За овие дејствија, М.Т. се товари за „малтретирање во вршење на службата“ и „нарушување на неповредливоста на домот“, додека неговите колеги С.Р. и Ф.Ѓ. се товарат за незаконски упад во домот.

Од МВР информираат дека покрај кривичната постапка, против тројцата полицајци е покрената дисциплинска постапка, а тие ќе бидат суспендирани додека трае истрагата.

Случајот предизвика реакции во јавноста, отворајќи прашања за почитувањето на човековите права и одговорноста на службените лица.

Z P

Zvezdanka Pesikj