АктуелноЛокално

Концерт на пијано дуото „Гелебешеви“

Вечерва (1 април), пијано – дуото „Гелебешеви“ ќе одржи концерт, во хотел „Аполонија“, со почеток од 19:30 часот. На концертот, ќе бидат изведени следните дела: Увертира кон операта „Поетот и селанецот“- Ф. Фон Супе, Увертира кон операта „Танхојзер“- Р. Вагнер, Увертира кон операта „Страчката грабливка“- Џ. Росини и 6 пиеси од С. Рахмањинов: „Баркарола“, „Скерцо“, „Руска тема“, „Валс“, „Романса“ и „Слава“. Концертот е дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето делување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.

Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разнолики уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина – Пијано – дуо „Гелебешеви“, препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.

Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција на колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и Сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањиноф, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.

Дуото „Гелебешеви“ претставува реномирен камерен ансамбл во Македонија што континуирано настапува во градовите низ земата и на сите назначани фестивали во сферата на кличната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклески вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“… Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музката во Париз, пијано – дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција. За својата плодна концертна дејност, пијано – дуото „Гелебешеви“ е добитник на наjвисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и реализација на две ЦД изданија.