Работниците се будат – Ако нема правда, ќе има борба
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави јавна седница и протест на 2 април 2025 година со цел да изврши притисок врз институциите за подобрување на работничките права. Работниците и синдикатите бараат зголемување на платите, заштита на правото на здружување и активна улога во донесувањето на законите што ги засегаат.
Главното барање на работниците е зголемување на минималната плата за 6.000 денари, со што би се покачиле и сите останати плати во приватниот сектор. Ова барање доаѓа во време на економска нестабилност, раст на животните трошоци и постојан егзодус на работна сила од земјата.
- ССМ порачува дека Владата мора да престане да носи одлуки без учество на синдикатите. „Не може да се одлучува за нас, без нас!“ – порачуваат синдикалните лидери, повикувајќи на почитување на социјалниот дијалог.
Синдикатите жестоко ја критикуваат Владата и Собранието, нагласувајќи дека пратениците редовно ги зголемуваат своите привилегии, додека платите на обичните граѓани остануваат ниски. Работниците бараат народните избраници да го поддржат нивниот предлог и да покажат солидарност со оние што ги гласале.
Дополнително, синдикатите предупредуваат дека доколку не се зголемат платите, Македонија ќе продолжи да губи квалификувани работници. Годишно околу 15.000 луѓе ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови, а синдикатите сметаат дека газдите од Стопанската комора сносат одговорност за овој процес.
- „Подадената рака на работникот денес, може лесно да стане стисната тупаница утре!“ – предупредуваат организаторите, сигнализирајќи дека доколку нивните барања не се исполнат, можно е и радикализирање на протестите.
ССМ истакнува дека Владата треба да го испочитува Општиот колективен договор и да ги усогласи платите во јавниот сектор со минималната плата. Како најголем работодавач, државата треба да покаже пример и да обезбеди подобри услови за сите.
Протестот ќе започне од Работничкиот дом и ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат испратени конкретни пораки.
Синдикатите предупредуваат дека овој протест е само почеток, а доколку институциите останат глуви на барањата, ќе следуваат нови и порадикални чекори.