Левица Прилеп поднесе пријава за незаконска градба – вмешан заменик-градоначалникот Бозоски
- Левица Прилеп поднесе пријава за незаконски градежни активности на заштитен објект, со вмешаност на заменик-градоначалникот Диме Бозоски
Левица Прилеп поднесе пријава до Општина Прилеп за вршење вонреден инспекциски надзор поради незаконски градежни активности на објект кој се наоѓа на улица Браќа Ламески бр. 6 во Прилеп. Овој објект, познат како камен магацин или сегашно „Просперо“, според својата архитектонска вредност и историска важност, претставува заштитено културно наследство.
„Со оваа пријава сакаме да алармираме за незаконско градење и интервенции на објект кој претставува заштитено културно наследство“, изјавија од Левица Прилеп. Според партијата, на локацијата се забележани градежни активности без јасно истакната дозвола за градба и без видлива согласност од надлежните институции за заштита на културни добра. Ваквите интервенции, како што тврдат од Левица, вклучуваат доградување и реконструкции кои ја нарушуваат автентичноста и естетскиот изглед на објектот, со што се прекршуваат законите за урбанистичко планирање и Законот за заштита на културното наследство.
Дополнително, од партијата предупредуваат дека ваквата интервенција создава опасност за безбедноста на околината, со оглед на тоа што делови од зградата се оставени во полураспадната состојба. Левица Прилеп ги повикува надлежните институции да излезат на терен и да извршат инспекциски надзор. Тие исто така бараат преземање соодветни мерки, вклучително и стопирање на сите незаконски градежни активности и поведување постапка против одговорните лица.
Исто така, Левица Прилеп укажува на вмешаноста на заменик-градоначалникот на Општина Прилеп, Диме Бозоски, во овие активности. Партијата бара институциите да преземат соодветни мерки и да спречат понатамошни неправилности во процесот на градба.