АктуелноЛокално

Левица: Непотизам и партизација во МВР – братучед на пратеничка од ВМРО назначен за командир

„Владата предводена од Христијан Мицкоски продолжува со бруталната партизација и поставување кадри по роднински линии, и покрај наводните заложби за борба против корупцијата“, се вели во соопштението на партијата Левица. „Очигледно владата предводена од Мицкоски користи само празни флоскули за борба против трулиот систем, додека во пракса продолжува бруталната партизација и поставување кадри по роднински линии“, додаваат од партијата.

Според Левица, ова е само уште еден пример за влијанието на непотизмот кај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој и претходно бил предмет на критики. Партијата потсетува на случајот кога на Факултетот за безбедност за професор бил избран неговиот баџанак, наместо студентот на генерација, што исто така предизвикало негативни реакции во јавноста.

Како најнов скандал, Левица го посочува именувањето на командир на Полициската станица Македонски Брод, каде назначен е Жарко Златески – девер на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бисера Златеска.

  • „Во денови на жалост, додека власта ја замајува јавноста дека ќе се бори против девијантните појави во системот, Тошковски одлучи токму Жарко Златески да го именува за командир, роднина на актуелна пратеничка од редовите на власта“, додаваат од партијата.

Левица во својата реакција го спомнува и актуелниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, кој во минатото добил кривична пријава за местење тендер во вредност од над еден милион евра.

  • Дополнително, во 2004 година Петрушевски како директор на ЈП ЕСМ Куманово бил обвинет за местење на тендер во вредност од еден милион евра, а 10 години подоцна во 2014 година на друга функција како директор на ЈП ‘Чистота и зеленило’ Куманово заработува кривична пријава за злоупотреба на службената положба, со што повторно го оштетил буџетот за 85 илјади евра“, посочуваат од Левица.

Друг пример што го истакнува Левица е вработувањето на Оливер Дерковски, поранешен претседател на Државната изборна комисија, како советник на министерот Тошковски. Дерковски, како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, бил поврзан со скандалот околу компанијата „Дуна“, која го доби тендерот за управување со веб-страницата на ДИК, а која во клучните моменти за време на парламентарните избори во 2020 година не беше во функција.

  • „Еклатантен пример за тоа дека услов за вработување во МВР е да си партиски активист со кривична пријава е екс-претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски“, се истакнува во реакцијата.
  • „Јасно е дека Владата на Мицкоски нема ниту политички капацитет, ниту волја да се ослободи од овие вечни функционери со криминално минато, кои граѓаните ги плаќаат од својот џеб,“ стои во соопштението на Левица.

Партијата укажува дека системската партизација ја уништува ефикасноста на институциите, кои не само што не можат да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, туку и продолжуваат да функционираат како инструмент за одржување на корумпираниот систем. Засега, од Министерството за внатрешни работи нема официјална реакција на овие наводи.

Z P

Zvezdanka Pesikj