Собранието ги затвори вратите – ни збор за сочувство, ни чин на одговорност
Во момент кога Македонија ја преживува една од најголемите трагедии – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени – Собранието реши да престане со работа цели две недели. Наместо да заседава и да донесе одлуки за финансиска помош или барем да изрази официјална поддршка на погодените, пратениците одлучија да се повлечат, правдајќи го тоа со „почит кон жртвите и чувствата на граѓаните“.
Оваа одлука е преседан во македонската парламентарна историја. По катастрофи како поплавите во Стајковци (2016) со 22 жртви, автобуската несреќа кај Ласкарци (2019) со 14 загинати, па дури и трагедијата во која загина претседателот Борис Трајковски (2004), Собранието не си дозволило вакво целосно замрзнување на работата. Во тие случаи, институциите заседавале, носеле мерки и испраќале конкретни пораки до граѓаните.
Овој пат, парламентот не само што не донесе никакви одлуки, туку не свика ниту седница за да упати пораки за брзо закрепнување на околу 200 повредени во трагедијата. Додека државните институции треба да покажат водство и емпатија во вакви моменти, народните избраници одбраа молк и незаинтересираност.
Дополнително, за несреќата во Кочани беа прогласени рекордни седум дена жалост, што никој не го оспорува, но пратениците отидоа чекор подалеку – самоволно си доделија уште една недела одмор, без да најдат време да се соберат дури ни за одлука за финансиска поддршка на погодените семејства. Ваквото однесување покажува дека за нив парламентот е комотна фотелја, а не инструмент за справување со кризи.
Освен исклучокот Крмов, кој не гласаше за прекинот на работата, сите останати парламентарци без проблем ставија клуч на Собранието, што говори за целосното отсуство на политичка и морална одговорност. Ако трагедија од вакви размери не е доволна причина за брза парламентарна реакција, тогаш кога, ако не сега, ова Собрание ќе покаже дека служи на народот?