Потресно видео со семејно насилство – законите го штитат насилникот
На социјалните мрежи кружи вознемирувачко видео во кое маж физички напаѓа бремена жена. Според достапните информации, напаѓачот е Александар Ангелов од Радовиш, кој веќе бил приведен од полицијата.
Сепак, поради постојната законска регулатива, случајот се соочува со правни пречки – за гонење на делото потребен е предлог од самата жртва, која, според извори, одбива да го стори тоа од страв за својата безбедност. Ова отвора прашања за ефикасноста на системот во заштитата на жртвите на семејно насилство.
Дополнително загрижува фактот што против истиот напаѓач веќе се води судска постапка за претходно насилство врз друга жена, но тој сè уште е на слобода.
Овој случај ја актуелизира потребата за измена на Кривичниот законик, со цел ваквите дела да бидат гонети по службена должност, без да биде неопходна согласност од жртвата. Политичките партии и пратениците сега се соочени со прашањето – дали ќе преземат конкретни чекори за да се спречат идни вакви случаи?
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска потести дека пред само еден месец владеачкото мнозинство ги одби измените на Кривичниот законик, според кои ваквите дела со семејно насилство требаше да бидат гонети по службена должност, а не по предлог на жртвата, која поради разноразни, најчесто социјални околности се откажува од случајот да го гони насилникот.
Еве што тогаш пратеничката Јована Мојсоска кажа од говорницата на Собранието:
Левица поднесе предлог-измени на Кривичниот законик за поголема заштита на жртвите на семејно насилство
Пратеничката група на Левица поднесе предлог-измена на Кривичниот законик, со цел семејното насилство да се гони по службена должност, без потреба од согласност на жртвата.
Според актуелната законска регулатива, телесната повреда при семејно насилство се гони само доколку жртвата поднесе предлог за кривично гонење. Оваа одредба, како што истакна пратеничката Јована Мојсоска на прес-конференција, е во спротивност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој третира семејното насилство како јавно прашање и не предвидува потреба од согласност на жртвата.
„Праксата покажува дека голем број жртви, под притисок или страв, се принудени да го повлечат предлогот за гонење, што доведува до неказнивост на сторителите. Со предложените измени на член 130, став 5 од Кривичниот законик, сакаме да обезбедиме државна интервенција која нема да зависи од волјата на жртвата“, истакна Мојсоска.
Левица смета дека ваквите измени ќе ја зајакнат заштитата на жртвите и ќе овозможат ефикасна правна постапка против сторителите на семејно насилство. Останува да се види како на оваа иницијатива ќе реагираат другите пратенички групи во Собранието.
Нејзиното тогашно излагање во Собранието ви го претставуваме во целост: