АктуелноЛокално

На Димитровски и Илијев судот им го замени притворот со куќен притвор

Основниот суд во Кочани донесе одлука со која поранешните градоначалници на општината, Ратко Димитровски и Николчо Илијев, одат во куќен притвор, откако нивните жалби беа прифатени. Сепак, Обвинителството за организиран криминал веднаш вложи жалба до Апелациониот суд во Штип, барајќи да остане првичната мерка – ефективен притвор.

Судот во Кочани разгледа вкупно 17 жалби поднесени од осомничените во случајот, но само три лица добија замена на мерката притвор со куќен притвор. За останатите 14 лица, судот ја потврди првичната одлука за задржување во истражен притвор.

„Постапувајќи по поднесените жалби, судот ја потврди мерката ефективен притвор за 14 лица. За тројца осомничени, меѓу кои и двајцата поранешни градоначалници, одлучено е мерката да биде заменета со куќен притвор. За двајцата поранешни градоначалници, ОЈО Кочани вложи жалба пред Апелациониот суд Штип, барајќи да остане ефективниот притвор“, соопшти Обвинителството.

Во исто време, ОЈО не поднесе жалба за поранешна директорка на Државниот пазарен инспекторат, чии аргументи во жалбата биле оценети како основани, па обвинителството се согласило дека куќниот притвор е соодветна мерка.

Сега, последниот збор го има Апелациониот суд во Штип, кој ќе одлучи дали ќе ја уважи жалбата на Обвинителството и ќе ги врати Димитровски и Илијев во ефективен притвор, или ќе ја потврди одлуката на судот во Кочани и ќе им дозволи да ја издржуваат мерката во домашни услови.

Z P

Zvezdanka Pesikj