АктуелноЛокално

Пред да го изврши обидот за убиство три дена бил во бегство – напаѓачот од Демир Хисар избегал при транспорт на суд

На 24 март беше уапсен А. Ј. откако претходно во просториите на Центар за социјални работи во Прилеп пукал кон вработена и ја повредил. Таа има прострелна рана во стомакот и сè уште е на интензивна нега во Прилепската болница. Освен кон социјалната работничка, напаѓачот пукал и кон директорот на Центарот за социјални работи, кој не е повреден.

50-годишниот прилепчанец А. Ј., кој вчера со пиштол застрела 36-годишна социјална работничка во Центарот за социјални работи во Прилеп, успеал да избега при транспортот од Психијатриска болница во Демир Хисар до прилепскиот Основен суд. Тој во болницата бил на задолжително лекување откако претходно бил осуден на година и три месеци, а против него се води уште еден судски процес.

Тој пукал низ ходникот, канцелариите, им се заканувал на вработените, а на нишан го држал и директорот на болницата. Повредената вработена била дел од тимот кој работел на предмет за семејно насилство и бракоразводна парница на осомничениот. Но, откако почнал да ја демне и да ѝ се заканува, таа била повлечена од тој предмет.

Напаѓачот е уапсен по пукањето, а во рамки на истрагата, полицијата го повикала на разговор и директорот на Психијатриската болница од Демир Хисар.

Неговото бегство од Психијатриската болница во Демир Хисар било пријавено на 21 март во 20:30 часот, односно три дена пред да го изврши обидот за убиство.

Полициски службеници од ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршиле проверки во Психијатриската болница Демир Хисар и на разговор биле повикани повеќе лица. Исто така, се вршат проверки како А. Ј. успеал да избега при транспортот од психијатриската болница до Основен суд Прилеп и на кој начин дошол до оружјето, соопшти СВР Битола.

Z P

Zvezdanka Pesikj