Бојан Мишкоски: Што можат да ни земат – освен овој трул и корумпиран систем?
Став на Бојан Мишкоски
- Од дното на душата…
7 денови жалост. 7 црни денови, завиени во плач, ожалостување и тага по изгубени млади животи. 7 денови, тешки како 7 години, или поточно 35.
Не пишував, не зборував, решив да премолчам. Не поради тоа што е политички коректно, туку поради тоа што вистински сочувствував со секој кој изгуби дел од себе, свое дете, внуче, брат, сестра, другар, пријател, колега, цимер, познаник… Не можев… штом ја допрам тастатурата, солзи ми навираа. Не од тага, туку од лутина, од бес. Бес кон овој погубен систем за нас. Погубен за секој еден од нас.
И немаше да биде така тешко се да се премолчи ако секој си ја бркаше својата работа. Ако се постапеше веднаш со директно пронаоѓање на вистинските лица кои имаат одговорност за овој настан. Едноставно народот ќе си истажеше и ќе ги оставеше институциите да си ја сработат својата работа. НО, уште при првите изјави на државните службеници, веднаш се виде дека со гол ПР и директно ослободување од вина на нивни кадри, истрагата ќе биде пуштена во погрешна насока, а народот наместо правда ќе добие уште еден политички монтиран случај за кој ниту ќе има реална одговорност, ниту вистинските лица ќе се најдат позади решетки ниту па засегнатите од оваа трагедија ќе може да најдат спокој со вистинската правда. Од тука произлезе бесот и лутината на народот. Од тука излегува и мојот бес.
- Уништување на народот
Следниот ден, веќе се покажа и вистинското лице на корупцијата. Се покажа следниот чекор до релативизирањето на оваа трагедија и префрлање на вината, онаму каде најмалку ја има.
Изреволтираните Кочанчани, кои со скршено срце, огромна тага и болка излегоа на собир во Кочани, поттикнати од овие политички конструкции, веднаш почнаа да го ваѓаат својот бес, јавно, без скривање, без трошка сомнеж дека тоа што го прават е правилно. Чувствувајќи се повторно измамени од овој коруптивен систем, решија да ја земат правдата во свои раце и да покажат дека им е доста од корупција, корупцијата која е директен кривец за смртта на своите деца.
Не дека оправдувам насилство, напротив. Да не ме сфатите погрешно. Јас сум по душа пацифист и секое насилство би го осудил. Но насилството и бесот изразен од некој, кој го знае вистинскиот кривец за смртта на своите блиски, срамно е така лесно да се осуди.
Не сакам да бидам безобразен ама за сите што ги осудија децата и луѓето што кршеа ќе се послужам со една изјава на наша министерка, само модифицирана за овој случај „Не може вие да го осудувате насилството на некој што го изгубил своето дете, кога вие не сте изгубиле дете во истиот тој пожар“. Мислам ми ја сфаќате поентата ?
По само неколку часа од збиднувањата, се појавуваат перјаниците на овој корумпиран систем и почнуваат да говорат за инфилтрирани качуљки помеѓу толпата народ,почнувајќи да ја сеат првата поделба, повторно заплашувајќи го народот со „Шарените“. Буквално муабетот беше, „немој сте излегле на собир, тамо има шарени“.
Срамота…
Со споредба на ситуацијата која ја засегна Србија почнаа да го плашат народот дека еве пак се спрема некоја револуција за да ни ја земат државата.
А што ќе ни земат, релно? Трул корумпиран систем склон да си ги убие и своите деца за пари? Што ни остана да ни земат?
Не плашат од „Шарените“ со изговорот, тие се криви што го дадовме името. Сериозно? Па имате шанса да го вратите. До кај сте со враќањето на името?
Сопствените браќа од 27ми ги оставија да гнијат по зандани а на нивен грб направија пола од кампањата за да дојдат на власт.
Бессрамно…
Најлесно може да се справиш со народ ако го поделиш. Разединет народ е лесен за контролирање. Повиците за единство се само за пред камера. Работат спротивно на она што го кажуваат..
Втората поделба. Пуштиле некои деца на мотор да подметнат огномет во скопските реони каде преовладува албанското население. Со јасна снимка се гледа како го поставуваат огнометот, го палат и бегаат. И одма имаше едно грмада објави дека нашите сограѓани, Албанци, немаат почит за изгубените млади животи. Не им помина и таа.
- Зошто сметам дека конструктот на „шарените“ во овие собири е масло на 2те најголеми партии
Во текот на првата изјава на Лидерот на СДС, Филипче, истиот повикана сплотеност и воздрженост, оваа трагедија да не се користи за политички цели.
Ако сте следеле парламент, мислам дека веќе знаете дека уште при првите пратенички прашања, на кои излезе и Филипче со прашање и критика за актуелната власт, со одговор се произнесе и премиерот, Мицко, буквално со зборовите „ајде ти се молам седи мирен дан почниме да ти ваѓаме што имаме за тебе“. Значи буквално со закана за прцесуирање на корипција, го замолчи. Зошто не се тие коруптивни криминали сеуште процесуирани? Зошто уште стојат во фиока? Се чека да застарат според законските измени кои заедно ги донесоа? Таа ли беше целта, да се има закон, доволно за да се чува едниот во раце да не коментира за криминалите кои се одвиваат со тоа што нема да се процесуираат нивните? Да се остави доволно простор и при промена на власта да може да застарат криминалите на претходните? Да имаат доволно време да се изнакрадат и да има и доволно време делото да застари …
Поврзаноста на 2те владеачки партии кои не владеат изминативе 35 години, просто може да се види и во секоја тргедија која ни се случи последниве години. Кога едните грешат, другите само со 2-3 реченици на прес ќе излезат, ќе им кажат само „еда еда“ како на мали деца и толку. Штама. Молк. Уште па имаа и доблест и лице за голем дел од протестите со циркуларни пораки и директни закани да ги одвратуват своите членови од присуство на истите. Зошто? Ајде размислете, зошто?
За името ги однесоа луѓето на 5 други собири само не на вистинскиот. Ееееј Ташмаруништа правеа протест.
За Модуларната, исто. Си преќутија, си оставија кабелот да биде крив.
За Беса транс, за Дурмо турс, молк. Прозбореа 2 реда муабет и толку.
За Онкологија само повикаа на одговорноси и се потрудија да не успее никаков протест.
За поскапата струја излегоа со коли да кружат низ Скопје, по еден круг и толку.
За Францускиот предлог го пезедоа протестот за да направат концерт на народна музика и да го угушат гневот на народот.
Едноставно, се што беше можност да дадат пример и да бидат вистински коректив на тогашната власт, го уништија.
Арно ама не ги уништија можностите да им застарат делата на своите партиски криминалци кои денес пак им се во власта. Никој не беше процесуиран. Никој.
Го извадија и Заев од нафталин . Алоо. Заев им бил крив. Па кај сте да го уапсите? Ете ви го, знаете каде е, според вас, уапсете го.
Накратко, последниве 10 години јавно, без срам и образ, се покажаа колку се блиски кога им треба некој да се спаси од прогонот на правдата. Си ги извадија своите лица и ни покажаа дека само народот кога е во прашање, тогаш може да има некаква правда, па дури и некој бесправно да се осуди не е проблем, ама ако треба некој нивни да се апси, одма се наоѓа начин истиот да си остане на слобода.
- Системот
Излагаат и го обвинуваат народот. Народот бил системот. Народот бил крив што дозволил толкава корупција. Дали сте вие нормални!?
Народот прво беше донесен до питачки стап, со транзицијата и приватизацијата. Гладен народ е лесно да се контролира. Тоа го знаевте и така и го контролиравте. Му зедовте се и го доведовте за корка леб, и некоја државна работичка да е спремен слепо и немо да ве следи и да постапува по ваши наредби и инструкции.
Имаше и некои ботовски коментари, зошто пуштиле родителите малолетници во дискотека. Па каде да одат нашите деца? Каде? Им уништивте кина, им запустивте театри, им затворивте младински домови, секции, библиотеки, градски радиа, игралишта, сали, спортски клубови… Се им уништивте. Еден настан не сте направиле кој ќе придонесе за културен развој на младината. Се искорумпиравте. Се што можевте приватизиравте и го зграпчивте првиот момент кога ви се даде шанса. Им оствиве на младите само да гледаат кафани, коцкарници, кладилници, банки и лихварници. Па што очекувате да прават тие млади? Каков пример оставивте да им даваме?
Народот ве гледа едни исти таму во врвот. Ве гледа и веќе знае со кого има работа. Истите тие што ги наполнија своите џебови на сметка на народот со криминално коруптивни зделки и тендери, сега се мавате во гради дека сте биле тука да го ресетирате системот. Системот кој вие го создадовте. Вие кои сте создадени од тој систем. Не ви држат зборовите. Се покажавте со вашите дела. Народот за тоа е тука, да ве предупреди и да ви даде до знаење дека ВЕЌЕ Е ДОСТА. Доста му е од лицемерие, доста му е од криминал, од корипција, грабеж и газење по него.
- Заклучок.
Народот излезе на улица и допрва ќе излага. Знаете зошто? Затоа што нема никаква верба во вашата способност да премените преку вашата лична или партиска корист и да застанете на страната на правдата. Излага народот за да ве потсети дека веќе е свесен дека 35 години го играте и доаѓа време да ве тргне од таму каде што сте, ако и овој пат не ја сфатите сериозно ситуацијат и не ја завршите работат како што треба.
Овој народ ќе остане мирен, се до моментот до кога ќе смета дека одите во права насока. Тука е да ве води каде што треба. Не да ве паѓа од власт. За тоа сами ќе сте криви ако ви се случи. Пробајте ако не верувате.
Ова ви е последната шанса да покажите дека бар еднаш ќе бидете во служба на народот, за која и сте избрани. Искористете ја или ќе бидете само црна дамка во нашата историја.