Велес: Ученик во основно училиште – врзал со лисици свој соученик и му вперил пиштол
Ученик во шестто одделение во ООУ Васил Главинов, Велес, денеска дошол во училиштето со лисици и пластичен пиштол, како што тврди директорот и СВР Велес. На училишниот одмор ги употребил на свој соученик, поточно го врзал со лисиците и му го вперил пиштолот. Тоа создало паника кај останатите соученици, но и кај дежурниот наставник за време на одморот кој веднаш го информирал директорот и класниот раководител.
Веднаш постапив, додека заедно со колегите согласно законот ги информиравме Сектор за внатрешни работи Велес и Центар за социјални работи Велес детето го фрли пиштолот и избега од училиште. Замина дома. Пријавувањето на случката во полиција беше причина што во училишниот двор веднаш пристигнаа полициски службеници. Јас ги повикав неговите родители и службите ја започнаа постапката. Тие се надлежни за нејзино расчистување, рече директорот Драги Коцевски.
Вознемирени родители бараа одговор на прашањата што се случило точно во училиштето и каков бил видот на пиштолот што ученикот го внел и му го вперил на соученикот. Потврдата дека станува збор за пластичен пиштол стигна од Сектор за внатрешни работи Велес.
На 18.03.2025 во 10.00 часот во СВР Велес, од основно училиште во Велес било пријавено дека малолетен ученик во училиштето врзал со лисици негов соученик и му вперил пластичен пиштол. Од малолетникот бил одземен пиштолот и бил предаден на полициски службеници. За настанот бил известен јавен обвинител, Центарот за социјални работи Велес и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Од полицијата додадоа дека пиштолот бил испратен на вештачење и ги чекаат резултатите од постапката. Да потенцираме пластичен пиштол е даден на вештачење. Детето првин го фрлило пиштолот и избегало, а потоа на детето му бил одземен пиштолот.
Повторно многу неодговорени прашања, нелогични изјави и сомнеж дека нешто пак се обидуваат да заташкаат, велат некои од родителите на децата.