Мојсоска: Три децении државата не успеа да изгради модерен здравствен центар надвор од Скопје
– Статус на социјалните мрежи на Јована Мојсоска – Пратеничка и Генерален секретар на Левица:
Ги гледам снимкиве од фамилиите како чекаат пред болница да добијат информации за своите најблиски и срце ми се пара…. Нема таква болка како кога чекаш во неизвесност да добиеш одговор дека твојот најблизок преживеал.
Читам дека во Македонија не функционира Центарот за изгореници кој некогаш функционирал. Мојот шок со јавното здравство беше кога брат ми со мозочен удар и силно крварење мораше 3 саати да патува за Скопје, затоа што надвор од Скопје нема карил центри за критични пациенти. Во такви моменти си викаш дека секоја секунда живот значи.
Научив дека порано имало медицински хелихоптер со писта на Воена болница, која веќе не е во функција. Три децении не успеа државата да изгради модерен центар надвор од Скопје, за оние кои се во животна опасност да не треба да се транспортираат до Скопје.
Научив и дека Македонија нема кома центар и после 3 месеци од Карил ти викаат “земете го пациентот и снаоѓајте се, ние нема кај да го чуваме”. Што да правиш со пациент во вегетативна состојба? Научив дека во Македонија некогаш имало и кома центар, кој веќе не е во функција и можеш да го прочиташ само во памфлети како предизборно ветување. Слушав дека таков центар е скап и одржување на такви пациенти кошта многу, а има и поприоритетни случаи кои полесно можат да се спасат.
Така научив дека во Македонија единствено човечкиот живот е скап. За држава која создаде толку милијардери, човечкиот живот е скап…