АктуелноЛокално

Писателката Хана Корнети ќе гостува утре во Прилеп

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, на 15 март (сабота), со почеток од 12 часот, прилепчани ќе имаат уникатна можност за пријатна дружба со авторката Хана Корнети, која ќе им раскаже повеќе за некои детали од авантурите на Илина и Папрат, јунаците во книгата „Илина и шумските тролови“, а промоторка на книгата ќе биде Наташа Атанасова. Модератор на настанот ќе биде Александар Еленин.

„Процеп во процес“ 5 е посветен на „Илина и шумските тролови“ од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

Фокусот на петтата по ред средба од промотивно-едукативниот циклус спонтано наречен „Илина и шумските тролови“ не е книга која им се чита на децата во рана возраст кога сакаме да ги заспиеме со некоја бајковита приказна. Ниту пак е приказна која би ги смирила децата кога се палави. Напротив, „Илина и шумските тролови“ е книга за „малку поголеми деца“ (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години, но ние тука не би се држеле ригорозно до таква категоризација) која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца, им го разгорува жарот за авантури.

Динамичната, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, ја прави оваа книга една од оние книги со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива – четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надоградуваат својата креативна фантазија.

„Илина и шумските тролови“ има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.