АктуелноЛокално

Левица: ДПМНЕ изгласа изградба на фабрики без потребната инфраструктура во Долно Лисиче – Аеродром

Во Долно Лисиче ќе никне нова индустриска зона по изгласувањето на одобренија за продажба на парцели на последната седница на Советот на Општина Аеродром. Одобренијата ги изгласаа мнозинството советници од ДПМНЕ, а врз претходно одобрен ДУП кој беше шверцерски и насилнички донесен пред една година, без јавна расправа и без одобрување на тамошните жители.

Во новата индустриска зона ќе се градат фабрики од средна и помала загадувачка дејност како што се фабрики за поправка и сервис на машини и алати, печатници, погони за преработка на дрво итн. И сето тоа ќе беше одлично доколку во Долно Лисиче имаше соодветна инфраструктура (пат, водовод и канализација) за да ги сервисира овие фабрики.

Жителите на Долно Лисиче со децении се жалат на недоволен притисок на водоводната мрежа, особено во лето кога чешмите со денови им секнуваат.

Патната инфраструктура е во катастрофална состојба, а тука поминува и „регионалниот“ пат од Јурумлери до Драчево, кој не ги исполнува стандардите за регионален пат, има само две тесни ленти без тротоар. По него сообраќаат шлепери буквално низ населеното место и истиот е од животна опасност за пешаците, кои мора да се движат по патот во недостиг на тротоар.

Изградбата на новата индустриска зона ќе ја оптовари и онака кревката инфраструктура во Долно Лисиче и животот на жителите ќе стане пекол поради недостиг на вода и зголемена фреквенција на шлепери, камиони и други тешки товарни возила во населеното место.

На ДПМНЕ му се брза да издаде маркици, пред завршувањето на нивниот четиригодишен мандат, за да собере пари со цел замачкување на очите на аеродромци. Сепак жителите на Аеродром многу добро паметат што ветуваше ДПМНЕ на чело со побегуљата Тимчо и што „исполнија” од ветувањата. Едно големо ништо. Општината никогаш не била повалкана, позапуштена и поруинирана. Слободно може да се каже дека овој мандат на ДПМНЕ е еден од најнеуспешните во историјата на општината. Затоа на локалните избори жителите на Аеродром ќе ги казнат овие локални шверцери на нашите души, кои ја уназадија општината за две децении, соопштија од локалниот огранок на Левица во Аеродром.