АктуелноЛокално

48-ми Денови на македонска музика

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ го најавува 48-мото издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, кое ќе се одржи од 17 март до 3 април 2025 година во Скопје на три локации Филхармонија, Национална опера и балет и Музеј на македонската борба. Манифестацијата ќе понуди разновиден избор на дела, премиери и автори, селектирани од годинашниот куратор, композиторот Филип Иванов.

Со својата препознатлива програмска концепција, ДММ нуди продлабочен увид во актуелните тенденции на македонската музичка мисла, истражувајќи нови форми на музичка експресија и креација. И оваа година, фестивалот ќе претстави содржинска и естетска разновидност во творечкиот и изведувачкиот аспект. Публиката ќе има можност да ги проследи визиите на македонските композитори и изведбите на реномирани уметници и ансамбли, кои заедно придонесуваат кон обликувањето на денешната современа музичка сцена. Манифестацијата која полека заокружува петдецениско постоење е од огромно значење за целокупната македонска музичка култура и уметност, и директно влијае врз нејзиниот развој, усовршување, но и врз нејзиното афирмирање и доближување до светските музички трендови.

Во знакот на годинашната програма е обележувањето на значајни јубилеи на тројца истакнати македонски композитори – Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето), автори и дејци кои имаат клучна улога во формирањето на современиот македонски музички израз.

Вовед во свеченото отворање на фестивалот на 17 март ќе биде изложбата на акварели „Мапирање на спокојот“ од македонската композиторка, професорка и истакната културна дејка, Јана Андреевска. Делата, создадени во периодот од 2023 до 2025 година, ќе бидат изложени во фоајето на Филхармонија, а посетителите ќе можат да ги погледнат од 13 часот.

Влезот на сите настани е слободен.