АктуелноЛокално

Мустафаоглу: Наместо да покажат минимум интегритет и да побараат извинување од нивната функционерка тие избраа да го нападнат народот кој се згрози од нејзините малициозни изјави

Секоја чест за народните претставнички и функционерки што со жар и убеденост застанаа во одбрана на една брутална, понижувачка изјава. Изјава што ги сотрува сите граѓани што немаат деца (без разлика дали од избор, судбина или околности) и со логика вон памет.
 
Секоја чест што наместо да покажат минимум интегритет и да побараат извинување од својата сопартијка, тие избраа да го нападнат народот. Јавноста била виновна што се побунила. Дефокусираме од јаките успеси на вмровската влада.
Ајде, да одиме по ред:
 
Во ноември ќе облечат портокалово, ќе зборуваат за борба против насилството врз жените, ќе тераат кампањи со празни слогани. Ама кога ќе дојде време да гласаат за измени на Кривичниот законик за превенција на фемицид и тешки телесни повреди врз жени – ќе бидат против. Зошто? Затоа што предлогот не дошол од „нивните“, дошол од Левица. Жените што умираат од насилство не се битни ако политичката математика не им се вклопува.
 
Во октомври ќе стават розови панделки, ќе пишуваат статуси за поддршка на жените со рак на дојка, ќе се испосликаат. Ама нема да преземат ништо за убиствените листи за чекање и недостапните термини што годишно одземаат 400 животи.
 
Ќе учествуваат на семинари и панел-дискусии за „жените во политиката“. Ќе кажат дека жените треба да бидат застапени, дека имаат право на глас. Ама кога една министерка ќе каже дека само мајките имаат право да зборуваат за трошоците на живот – ќе молчат или ќе ја бранат. Ќе ви продаваат приказни за еднаквост, ама само кога тоа им носи политички поени.
Секоја чест. За сѐ што дозволуваме, за сѐ што раниме, за сѐ што забораваме.
Вмровскиот нарав во својата најгнасна, најподмолна форма – лицемерие од невидени размери. Први ќе трчаат по гага семинарчиња низ Македонија и светот, ќе се китат со флоскули за „еднаквост“, ќе се претставуваат како борци против насилството врз жени во политика. Ќе глумат загриженост, ќе држат патетични говори за права и достоинство. А потоа со истата леснотија ќе плукаат, ќе навредуваат, ќе пцујат, ќе клеветат, ќе газат по секоја жена што не им се покорува. По секоја што не припаѓа на нивниот лагер. По секоја што не молчи.
 
Вистинското лице на овие луѓе е уште повалкано. Лично знам со каква злоба, со каква бескрупулозност, со каква валканост функционираат. Ова што го гледате сега? Ова е само врвот на сантата мраз, напиша Дарја Мустафаоглу на Фејсбук.