АктуелноЛокално

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во обид да ја блокираат надзорната расправа за аерозагадувањето

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се обидуваат да ја саботираат првата парламентарна Надзорна расправа посветена на аерозагадувањето во Скопје и останатите градови, закажана за 25 февруари 2025 година. И покрај тоа што премиерот Христијан Мицкоски најави дека „со задоволство“ би присуствувал на расправата, пратениците на неговата партија, со процедурални опструкции и спорни толкувања на собранискиот Деловник, се обидуваат да го спречат нејзиното одржување – информираат од Левица.

На расправата, иницирана од Левица во рамки на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, веќе се поканети и потврдени околу 40 гости – министри, градоначалници, инспектори, професори, научници, новинари и еко-активисти. Меѓутоа, власта преку Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, предводена од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, сака да ја суспендира собраниската контрола врз темата која директно го засега здравјето на граѓаните.

Левица посочува дека зад овој потег стои страв од јавно соочување со фактите и заштита на крупните капиталисти, бизнис-партнери на ДПМНЕ и ЗНАМ, кои стојат зад индустриското загадување. Партијата најавува дека ќе ги искористи сите правни механизми за да ја спречи оваа „невидена саботажа“ и упатува апел до собранискиот спикер Африм Гаши да не потпаѓа под политички притисоци, предупредувајќи дека во спротивно ќе иницира постапка против него пред Уставниот суд.