Исмаил: Наместо вистинска јавна расправа за безбедноста во сообраќајот ДПМНЕ ја искористи за ПР
Став на народниот пратеник од Левица и потпратседател на партијата – Реџеп Исмаил – Хактан.
„Човечката сушност НЕ е апстракција која се наоѓа во единечната индивидуа. Во својата стварност таа е севкупност на општествените односи.“ – Маркс, шестата теза за Фојербах.
Денеска, во Собранието ВМРОвците си направија Јавна расправа на која на ниту еден пратеник не му беше дозволено да земе збор, туку истата беше искористена за ПР на владејачката гранитура.
Но не исе, им се може и тоа го прават. Злоупотребувањето на ваквите трагични настани за тесно партиски рекламни паноа, на долг рок ќе ги делегитимира самите нив.
Јас како пратеник, но пред се и како научник од областа на социјалните науки; како марксист кој општествените процеси ги анализира преку очилата на историско материјалистичкиот метод кој ја објаснува историјата и развојот на општеството преку материјалните услови на животот, чувствувам должност да искажам мој јавен став околу предметот на споменатата Јавна расправа.
Со мали разлики, но скоро сите поканети гости на Јавната расправа како експерти зборуваа за правната регулатива и санкциониот систем како извор на причините за небезбедноста во сообраќајот. И тоа е сосема во ред, оттука и Левица денеска поднесе предлог до Собранието за кривична одговорност на судиите. Но работата не е така еднодимензионална – безбедноста во сообраќајот е комплексна појава што произлегува од вкрстувањето на повеќе фактори: социолошки, урбанистички, инфраструктурни, политички, економски и психосоцијални. Честите инциденти со смртен исход се само видливи симптоми на подлабоки структурни проблеми.
Покрај културата на сообраќајно однесување и недостиг на сообраќајна етика како и недовербата во институциите поради корупција и селективна казнивост, образованието има огромна улога во создавањето на небезбеден амбиент – и ова е уште еден доказ дека образованието е алатка за создавање на сестрани личности а не технички подготвени работници како што цели новата Концепција на МОН за образованието.
Понатаму, катастрофалниот превоз, урбанистичкиот хаос и лошата инфраструктура мислам дека се еден од клучните фактори за небезбеден сообраќај, а тоа се исклучително корисни алатки како превентивни, проактивни (а не реактивни како сега) мерки за огромен скок во безбедноста на сообраќајот.
Неприлагодени улици – пешачките премини често се на небезбедни локации, без соодветна сигнализација или осветлување. Многу улици немаат тротоари или имаат оштетени пешачки патеки. Неправилно планирање на сообраќајниот проток: Недостиг на кружни текови, лошо синхронизирани семафори, и слабо регулирани крстосници создаваат конфузија и зголемен ризик. Недоволно внимание на пешаците и велосипедистите предизвикуваат доминација на автомобилскиот сообраќај. Пешаците и велосипедистите се маргинализирани во урбанистичкото планирање. Немањето велосипедски патеки и безбедни зони за пешачење го зголемува ризикот за несреќи.
Имено, нерешените инфраструктурни проблеми поради ограничени буџети за инвестиции во сообраќајната инфраструктура доведуваат до запуштени патишта, неисправна сигнализација и опасни услови за возење.
Понатаму, не смееме да го заборавиме и факторот на сиромаштијата и социјалната несигурност. Работничката класа, особено онаа во професионалниот сообраќај, работи за ниска цена и под минимум стандарди – често се приморани да работат прекумерно и под стрес, што доведува до умор и намалено внимание при возење.
Многу возила во Македонија се технички небезбедни поради недоволна контрола и редовно одржување, што дополнително ја зголемува опасноста.
Социјалниот стрес е огромен. Македонија се соочува со хроничен социјален и економски стрес, што влијае врз агресивното и нетолерантно однесување во сообраќајот. Ниската емпатија, недостатокот на социјална кохезија и доверба меѓу граѓаните води кон себично и ризично однесување на патиштата.
Социјалната состојба директно влијае на психолошката состојба на луѓето, што потоа се рефлектира во нивното однесување во сообраќајот. Сиромаштијата, нефункционалните семејства, работниот стрес и социјалнатс несигурност создаваат хронична тензија, која доведува до агресивно возење, импулсивност и ниска концентрација.
Сето ова значи дека безбедноста во сообраќајот не е само техничко или правно прашање, туку е тесно поврзана со квалитетот на животот во едно општество.
А дополнително за овој рекламно-финансиски капитализам е што животната средина ја прави заслепувачка со огромните рекламни паноа и светлечки рефлектори што создава визуелен хаос, особено во урбаните средини. Премногу светлечки реклами, слабо организиран урбанизам и нехумана физичка околина – го зголемуваат когнитивниот замор кај возачите и го одвлекува нивното внимание. Ова го прави сообраќајот поопасен, особено во метрополите како Скопје, каде што недостатокот на јасна сигнализација и лошата инфраструктура само дополнително го влошуваат проблемот.
Сето ова укажува дека вистинските решенија треба да бидат холистички – не само казни и контроли, туку и подобрување на социјалните услови, психосоцијалната средина, јавен превоз, урбанистички реформи и редизајнирање на јавниот простор за поголема безбедност и удобност за сите учесници во сообраќајот.
П.С. Во Македонија, на годишно ниво има околу 50 смртни случаи на работно место, над 150 потешко повредени и над 1500 полесни повреди.