За време на изборниот молк Владата донела уредба за кризна енергетска состојба

Во саботата, за време на изборниот молк, пред одржувањето на вториот круг од локалните избори, Владата донела уредба за кризна енергетска состојба.

Во донесената уредба се наведени „критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушување на пазари на електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.“

Со уредбата се создаваат правни предуслови за прогласување на енергетска криза и рестрикции во снабдувањето на потрошувачите. Во таков случај МЕПСО и ЕВН ќе можат да утврдат кои се приоритетни категории на потрошувачи на струја и да се овозможи нивно снабдување со електрична енергија.

Според уредбата за воведување на електроенергетска кризна состојба потребно е да се формира „Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија“. Оваа Комисија мора задолжително да има претставници од Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика, ОЕПС, ОПЕЕ, и Операторите не електро дистрибутивните системи.