АктуелноЛокално

Исмаил: Време е за политизација – Синдикатите да излезат од сенката на политичката неутралност

Статус на народниот пратеник Реџеп Исмаил – Хактан:

Во време кога политичката и економската владејачка каста се фузираат во управувањето со државата, преклопувајќи се и надополнувајќи се во тесни олигархиски врски, а работничките права се поткопуваат од владејачките структури, синдикатите не можат да останат само бирократски тела тесно поврзани со нивните интереси на работното место. Со чест на ретки исклучоци, нивната позиција на ‘неутралност’ не е повеќе одлука на стратегија, туку компромис со управувањето кое стреми кон загрозување на општата социјална состојба на целиот работнички народ и систематско гушење на нацијата.

Во последните недели, сведоци сме на низа настани што го разголуваат вистинското лице на кронизмот во Македонија како состојба во која власта и капиталот стануваат неразделни и се взаимно зависни, при што политичките и економските елити се меѓусебно поврзани преку лични и пријателски односи, често користејќи ја државната власт за лични или корпоративни користи.

Одлуката на Уставниот суд да го поништи солидарниот данок, со што државата ќе врати 49 милиони евра на големите ПРИВАТНИ компании, е јасен сигнал дека судската власт сè повеќе функционира како заштитник на олигархијата. Во исто време, премиерот Мицкоски со потценувачки тон изјавува дека минималната плата ќе биде онаа што ќе ја договорат работниците и работодавачите — како да постои вистински баланс на моќ помеѓу овие две страни?!

Понатаму, случајот со несогласувањата околу дефиницијата на синдикалната кошничка и одбивањето на Владата да разгледа предлог за финансиска помош за работниците се само дел од еден поширок тренд: систематско поткопување на социјалната правда. Кога премиерот се шегува дека луѓето треба „да штедат“ и да не се „луксузираат“, додека бизнис-интересите цветаат под чадорот на политичката заштита, тоа не е само политичка ароганција — тоа е КЛАСНА АГРЕСИЈА.

Синдикатите, во вакви услови, мора да престанат да се однесуваат како административни тела заглавени во нивните институционални и бирократски рамки. Време е да се ослободат од тесно-синдикалните интереси и да ја препознаат сопствената моќ како двигатели на политички промени. Бидејќи проблемите на работниците повеќе не се само прашање на услови за работа или плати; тие се прашање на конторла на животот, правдата, националната сувереност и независност и социјална сигурност.

Време е синдикатите да се политизираат. И тоа не во партиско-сектарска смисла, туку како автентични актери во борбата за социјална правда. Тие треба да ја напуштат илузијата за „неутралност“ и да заземат одлучен став против политиките што ја репродуцираат економската нееднаквост и социјална неправда. Да се политизираат значи да се артикулира класниот конфликт што веќе постои, но кој сè уште е невидлив за многумина токму затоа што се сервира како „нормална состојба.“

Во вакви услови синдикатите не би требало да се интересираат само за плати и работни услови. Тие се и за достоинство, за фер општество, за демократска контрола врз економијата, за јавните услуги… Ако не се подготвени за оваа борба, тогаш нацијата во целост ќе продолжи да бидат само приверзок во системот кој одамна ги заборави луѓето што требаше да ги штити, а наместо тоа, ги користи за нагомилање на богатството и луксузирање на владејачките класи како и здоволување на империјалистичките интереси на странскиот капитал, напиша Реџеп Исмаил.