АктуелноЛокално

Македонската филхармонија ќе настапи во „Музикферајн“ во Виена

Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.

На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика.

„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена, таа е дом на Виенската филхармонија, место на кое секоја година се одржува и традиционалниот Новогодишен концерт на 1 јануари. Концертната сала датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.

Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е поддржан и е дел од Годишната програма за 2025 година на Министерството за култура и туризам