Промоција на проектот Пролегомена за македонската фотографија во КИЦ
Ова е прв ваков проект кај нас посветен на историскиот развој на македонската фотографија во периодот 1855-2020 година.
На 06 февруари (четврток) 2025 година, со почеток во 12.00 часот, во Културно-информативниот центар (Сала 1)
во Скопје, ќе се одржи промоција на четиритомниот проект Пролегомена за македонската фотографија од
Златко Теодосиевски, историчар на уметност, критичар и публицист.
Четиритомното издание Пролегомена за македонската фотографија е прв ваков проект кај нас посветен на
историскиот развој на македонската фотографија во периодот 1855-2020 година.
„Низ критичка евалуација на процесите и творештвото на бројни македонски фотографи, како и соодветни компаративни согледувања, авторот ги следи креативните раскрилувања на македонската фотографија кај нас и нејзиното макотрпно етаблирање во редот на визуелните уметности во Македонија“, се вели во најавата на настанот.
Книга 1: Извори и согледби (2021) критички ги согледува досегашните извори и интерпретации на фотографијата како медиум кај нас, па следствено и на македонската фотографија, како и некои теориски прашања сврзани со
природата на медиумот, дали фотографијата може да се третира (и) како уметност, што тоа значи во македонски
услови итн.
Книга 2: Фотографијата во Македонија 1855-1945 го проследува историскиот развој и естетските димензии на фотографијата во наведениот период низ творештвото на браќата Манаки, Ошавков, Димкаровски, Бељан, Јолевски и други, потоа творештвото на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Ѓорѓи Попов, Лазо Величковски итн.;
Книга 3: Фотографијата во Македонија 1945-1990 поопстојно се занимава со современата македонска фотографија во наведениот период, вклучувајчи ја анализата на творештвото на бројни автори, меѓу кои и доајените Живко Јаневски, Душко Јовановски, Александар Кондев, Александар Цветиновски, Мирза Ченгиќ, Васил Боглев, Роберт Јаки и други;
Книга 4: Фотографијата во Македонија 1990-2020 го обработува развојот на македонската фотографија по осамостојувањето и појавата на новите генерации македонски фотографи, меѓу кои и творештвото на Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Раде Луковиќ, Кирил Штрков, Душан Доцевски, Зоран Здравев…, како и релативно помладите генерации автори како Јана Луловска, Сашо Алушевски, Осман Демири, Весна Каревска Пукиќ и други.
„Оттука, основната идеја на проектот беше/е, низ критички пристап, на едно место да ја синтетизира
досегашната историја на фотографијата во Македонија според сознанијата и видувањето на авторот. И ова е
прв таков посеопфатен обид кај нас. Притоа, проектот го наметнува и клучното прашање: ја стекна ли
фотографијата довербата на македонската историја на уметноста, на стручните кругови, на уметничките
институции?“, се вели во промотивното соопштение за настанот.
Проектот е финансиран од Министерството за култура како проект од национален интерес.