Археолозите потврдија постоење на цивилизација стара речиси осум милениуми во струмичко-дојранскиот регион
Геомагнетните снимања на археолошките локалитети во струмичко-дојранскиот регион извршени од страна на археолозите потврдија дека овде имало цивилизација стара речиси осум милениуми.
Со снимањата се добиле и нови податоци за инфраструктурната поставеност на населбите за кои досега е познато дека имале кружна форма, со празен простор на средина.
Прелиминарните резултати ги потврдија досегашните сознанија дека неолитските населби се кружно или полукружно организирани, а објектите во нив, радијално распоредени.
Исто така, се покажа дека една од населбите била опкружена со неколку окопи/ровови, распоредени лепезесто околу централниот простор.
Геомагнетните истражувања на овие неолитски населби, заедно со истражувањата на неколку неолитски населби во Струмичко-радовишкиот Регион, спроведени 2016 година, се дел од заложбите на НУ Завод и музеј, Струмица да создаде слика за просторната организација на праисториските населби во Југоисточниот дел на Република Македонија.
Геомагнетните истражувања беа реализирани како проект од Годишната програма на НУ Завод и музеј, Струмица, со стручна поддршка од НУ Археолошки музеј на Република Македонија и геофизичкиот тим на Terra Scout Ltd од Република Бугарија.
Намерите се да се снимаат сите познати локалите од праисторијата. Археологот Зоран Рујак од НУ Музеј и завод- Струмица вели дека овој процес е почнат поодамна, а сега се продолжува.
Освен локалитетот Орниче геомагнетни снимања и истражување во Дојрaнско имало на локалитетот Атици, кај Црничани, село кое е на само два километра оддалеченост од Дојранското Езеро. Досегашните снимања потврдуваат дека тука имало цивилизација стара осум милениуми.