Радикално типична влада

Новиот француски претседател Емануел Макрон го објави составот на неговата влада. Медиумите во Франција и низ светот ја пофалија неговата храброст да одбере луѓе со навидум неспоиви политички ставови и притоа 50% од позициите во владата да се пополнети со жени (поголем процент од која било досегашна француска влада). Но, колку неговиот избор е навистина храбар и радикален?

Да ги разгледаме најпрвин позитивните реакции околу идеолошката разноликост на новата извршна власт. Навистина, од политичка гледна точка, одлуката да се изберат министри од повеќе политички партии, како и од бизнис и граѓанскиот сектор е интелигента. Новиот претседател со ова си ја зацврстува својата политичка позиција и ги ослабнува критиките на ривалските партии. Но, таа не е суштински радикална одлука. Од една страна, како нивен претпоставен, Макрон ќе има можност да коригира било која крупна или суштинска промена што министрите би пробале да ја спроведат, ако со ниеден друг механизам тогаш со „заканата“ за нивна смена. Од друга страна, идеолошките разлики помеѓу новите функционери се само привидно големи. Идеолошки „најдесниот“ член на владата е Бруно Ле Мер, либерален конзервативец и демохристијанин, додека „најлевиот“ е Жерар Колон, член на Социјалистичката партија чиј поранешен претседател, Оланд, беше претходниот претседател на Франција и во својот мандат покажа дека е далеку од левичар, а уште помалку социјалист. Всушност, оваа идеолошка „шареноликост“ е крајно теснограда и се работи за нијанси на центризам.

Втората основа за пофалби кон новиот состав е застапеноста на жените во неа. Слични пофалби беа упатени и кон канадскиот премиер Трудо кога тој објави дека неговата влада ќе биде составена од 50% жени. Кога Трудо беше прашан за причините зад оваа негова одлука тој одговори со „Бидејќи е 2015 година!“. Се покажа дека овој „феминизам“ е само привиден. Политиките на новата власт речиси воопшто не беа поразлични од политиките на старата – се промени само реториката. Трудо одлучи да го одобри договорот за продавање оружје вредно 15 милијарди долари на Саудиска Арабија, една од земјите со најниски права на жените. Дополнително, неговиот кабинет не иницираше активности со кои би се подобрила состојбата на жените во Канада, особено на жените од домородното население и на жените со ниски примања. Искуството со Трудо не влева многу надеж дека Макрон би постапил поинаку.

Народот во Франција бара суштински промени (нешто што е очигледно од фактот што во првиот круг на овогодинешните претседателски избори антиестаблишментските кандидати заедно освоија над 50% од гласовите, а во вториот круг успеа да влезе најрадикалниот кандидат од сите. Промените кои Макрон ги ветува се далеку од суштински. Тој можеби ќе успее да го задржи својот углед во догледно време, но мала е веројатноста дека привидната радикалност на неговите реформи ќе го залажува народот долготрајно. Досега, најрадикалното нешто во новата влада е токму тоа што, онаму каде што е важно, таа не е воопшто поинаква.