Карневалот “Ѕвегорска сурова”-Симбол за непокорот на ѕвегорци низ историјата
Ѕвегорска Сурова или Ѕвегорска Сурва која по традиција се одржува на празникот Василица во селото Ѕвегор е народен обичај во Пијанечкиот крај кој ќе се одржи утре (14 јануари).
Коренот на постоењето на василичарскиот обичај најверојатно е врзан со религиска природа земајќи го во предвид фактот дека истиот се случува во чест на христијанскиот светец Св. Василиј под името “Обрезание Господово”.
Во различни форми, под различно име овој обичај ден денес е присутен речиси на цела територија на Македонија, но се чини дека во неговата најавтентична форма овој обичај се реализира во селото Ѕвегор под името “Ѕвегорска сурова”. Со настанот “Ѕвегорска сурова” се поврзани безброј поединости и специфики според кои овој настан може да се вброи во еден од најоригиналните и најавтентичните живи нематеријални духовни обележја на народот кој живее на овој простор.
Обичајот се одвива преку носењето маски, познат под името „Сурова“. Овој обичај е невообичаена процесија на културното наследство.Покрај Илинден, соборниот ден на Ѕвегор, Св. Василиј Велики – Стара Нова година е вториот голем празничен ден на жителите на Ѕвегор. Пијанечкиот обичај во ова погранично село важи за еден од најстарите обичаи.
Сè до 1950 година обичајот се изведувал во сите пијанечки населби, а по шеесеттите години опаднала неговата популарност, а обичајот се изведувал сосема срамежливо, но денес веќе доживува целосна ренесанса, со исклучок на селото Разловци. Во целиот Пијанец обичајот се изведува дење. Почнува на 13 јануари со гонење на кучињата, потоа момчињата со себе носат уште една посебно направена удиралка наречена „суроваска“, со која се „удираат“ девојките, а завршува со голем карневал и заедничка гозба. По традиција сите учесници се машки, а всушност тие со своите маски прикажуваат свадба. Присутна е и „невестата“, која е облечена во невестинска облека и прекриена со бел дувак. Покрај „невестата“ е и „младоженецот“, а нив ги следат тројца белаци, кои се облечени во бела облека и носат голем дрвен нож (сабја) познат како кал’чка. Неизбежен е „попот“, кој вообичаено е облечен како свештеник, во рацете носи дрвен крст и кадилница. Следуваат „мечката“, која има ѕвонец и „мечкарот“ кој ја води со јаже. Учесници се и „мајмунката“ и нејзиниот „мајмунџија“, „данокчијата“, „шеикот“, „ромите“ и „ромките“ облечени во стара изветвена облека и исцрнети со саѓи во лицата.
Сите учесници во карневалот се познати под името суроваскари, кои заедно со нивниот одговорен белак водат посебна грижа ниедно семејство да не биде прескокнато. Се мисли дека тие носат среќа, радост и напредок во секое домаќинство.
Како дел од народната традиција која се негува во селото Ѕвегор на празникот Свети Василиј секој жител станува рано и в раце зема метални пари и ги растресува за да се слушне нивното ѕвонење, со цел новата година да биде богата. Потоа се изведуваат уште неколку обичаи карактеристични за овој голем ден, проследени со желба за радосен живот на жителите на Ѕвегор.Уште пред појавата на христијанството во светски рамки, овој простор имал изградено свој карактер, свој дух на препознатливост и автентичност. Хуманизмот пренесен низ вредностите на раното христијанство бил препознаен од народот на овој животен простор околу реката Брегалница и масовно прифатен од домицилното население и пуштил никулци длабоко за генерациите кои следувале.