АктуелноЛокално

Македонската балерина Роксана Стојанов е нова ѕвезда на Париската опера

Талентираната балерина со македонско потекло беше избрана за нова ѕвезда и една од главните балерини во Париската национална опера.

Оваа вест беше објавена по завршувањето на балетската претстава „Пакита“, во која Роксана ја имаше главната улога. Директорот на Париската опера, Александар Неф, излезе на сцената лично да ѝ ја соопшти веста пред публиката и да ѝ го додели највисокото одликување на оваа национална куќа.

„Немам зборови за да ги опишам емоциите што ме обземаат од таа вечер на 28 декември. Изненадување, солзи, радост, благодарност, љубов, соништа, исполнетост, гордост… Тоа е сосема неописливо, но тоа е вечер што нема да ја заборавам!“ „Ви благодарам на сите за пораките за поддршка и честитките, исполнета сум со љубов“ – напиша Роксана, пресреќна со својата нова титула.

Роксана Стојанов, родена во 1995 година во Македонија, со француско-македонско потекло, многу рано покажува исклучителен талент за танц. Откако почнала да тренира на осумгодишна возраст во нејзиниот роден град, таа заминала за Брисел, каде што ги продолжила студиите пред да се приклучи на танцовата школа на париската национална опера во 2007 година и да биде ангажирана во корпусот на балетот во 2013 година.

Нејзината уметничка сестраност ѝ дозволува да се истакнува во класичните балети како што се „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, каде блескаше во современите креации на реномирани кореографи како Вилијам Форсајт и Матс Ек.