АктуелноИнтернационално

Мир во Либан? – Пирова победа на Израел?

  • Пишува Дарко Тодоровски – воен аналитичар и кандидат за докторат на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација

Булдужер дипломатијата на САД на Блискиот Исток доведе до склучување на мир помеѓу Израел и Хезболах во Либан врз база на Резолуцијата 1701 од 2006 година.

Притисокот на Бајден и САД врз Израел и Нетанјаху вроди со плод. Дипломатска победа за Бајден и администрацијата која е во заминување, но од друга страна пораз за Нетанјаху и неговата стратегија за Нов Блиски Исток. Во Израел и во израелската влада и армија разочарување од постигнувањето на Мирниот договор. Израел не ги достигна стратешките цели во Либан, воен и политички пораз на Хезболах, нивелирање на иранското влијание во Либан и излегување на реката Литани.

Останува да видиме дали ќе се работи за мир на кратки стази помеѓу Израел и Хезболах, земање на одмор пред новата фаза од конфликтот помеѓу Израел и Иран и неговите сојузници на Блискиот Исток после стапувањето на должност на Трамп и неговата администрација, или се работи за мир кој што ќе трае со години.

САД и Франција, кои дејствуваа заедно за прв пат од претседателствувањето на Обама, успеаја да го поразат израелскиот премиер Нетанјаху и да го принудат да потпише мировен договор со Хезбалах/Либан, кој на површина изгледа како победа, но во Израел малкумина веруваат во тоа. Мирниот договор ја зачувува основата на Хезболах и остава закана од иранско присуство во Либан и во Сирија.

Нетанјаху сепак успеа, во жесток спор со преговарачот на Хезболах, Хохштајн, да ги исклучи Обединетите Нации од „гарантите“ на договорот, ставајќи ја одговорноста за мирот на САД и либанската влада. Сепак, мисијата на ОН, УНИФИЛ, ќе продолжи јужно од реката Литани, што значи дека резолуцијата 1701 првично нема да функционира припадниците на Хезболах како и во 2006 година ќе се вратат во нивните, иако прилично опустошени магацини и бази веќе следниот ден по повлекувањето на израелската армија.

Во првата Либанска војна во 1982 година, Израел стигна до Бејрут. Во втората во 2006 година, Израел ја достигна реката Литани на растојание од 25 км од границата. Во третата војна Израел успеаа да навлезе од 3 до 5 километри на одредени делови на фронтот.

И покрај тоа што израелската армија приоритет им даде на воздушните напади и операции, факт е дека копнената офанзива на израелската армија се соочуваше со проблеми, и без разлика на огромната воена моќ и надмоќ, Израел не успеа да ги пробие линиите на одбрана на Хезболах на границата и да излезе на реката Литани.

Според различни извори, во Либан се уништени или оштетени околу 100.000 домови и објекти, 37 градови и села се се бомбардирани, повеќе од 3 илјади цивили биле убиени, 1,2 милиони Либанци станале бегалци и привремено раселени лица. Во Израел се оштетени неколку илјади домови и објекти, а повеќе од 150 000 Евреи станале бегалци или привремено раселени лица.

Во својот говор, Бенјамин Нетанјаху изјави дека сега главен приоритет за Израел е Иран, и дека Израел “Го задржува правото да се спротивстави на секоја закана за неговата безбедност. Ќе го спроведеме договорот и цврсто ќе одговориме на секое прекршување. Ќе продолжиме да дејствуваме заедно до победа”. Нетанјаху му порача на претседателот на Сирија Асад “Да внимава што прави”.

Во Израел можни се политички турбуленции и проблеми за Нетанјаху после склучувањето на мирниот договор.

Иран, исто така, јасно стави до знаење дека е подготвен да склучи примирје. Како одговор на договорот помеѓу Израел и Хезболах, Техеран можеби одлучил да го одложи или дури и да се откаже од одмазднички напад против Израел. Техеран, исто така, не се спротивстави на „одвојувањето на фронтовите“ на Либан и Газа заради договор кој не само што ќе дозволи интеракцијата со новата американска администрација на Доналд Трамп да започне на позитивна нота, туку може да ги намали и ризиците од губење на влијанието на Хезболах во Либан, кое не само што би го зачувало неговиот воен потенцијал, туку и неговата иднина на либанската политичка сцена.

Хезболах го задржа својот воен потенцијал, и покрај тоа што загуби 1.660 борци од 8 октомври 2023 година, вклучувајќи ги и оние што беа убиени во Сирија. Хезболах загуби и околу 50% од својот ракетен потенцијал, но сите тие загуби не се критични за Хезболах.

Односно, во воена смисла, успесите на Израел во сегашната војна се најмалку забележливи во споредба со минатите големи судири, и покрај убиството на највисокото воено-политичко раководство на Хезболах.

Главните проблеми на Хезболах и Иран во сегашните услови сега се помошта за Хамас и потребата да се врати авторитетот на Хезболах во Либан. Хезболах го вовлече Либан во својата војна под слоганите за поддршка на Газа, донесе смрт и уништување на земјата, но не ја постигна својата цел: примирје беше склучено само во Либан, но не и во Газа. И дали вредеше да се започне војна поради ова?