Методија Костоски: Ќе ја блокираме продажбата на општинскиот имот во Прилеп и тоа по секоја цена

Во 2022 година Општина Прилеп става посебен акцент на остварувањето на приходи од продажба на неизградено градежно земјиште. Општинскиот буџет има бројни слабости како резултат на лошото управување од претходните власти, а новиот градоначалник одлучи да го распродава општинскиот имот со цел да ги пополни овие дупки.

Советниците од Левица во Прилеп остро се спротивставија на ваквите предвидувања во програмите и планот за приходи во буџетот од продажба на општински имот. Во своето излагање советникот Методија Костоски зборуваше за слабостите од ваквата политика, потенцирајки дека Општината се става во служба на урбанистичката мафија.

„Ја поткрепувате урбанистичката мафија и масовното бетонизирање на градот. Планирате да добиете приходи од продажба на општински имот кој треба да претставува главен генератор на приход во буџетот. Кај го има ова преку продажба да излегуваме од некоја кал што самите ја создадовте.

Ова не значи ништо друго освен распродажба на се што им припаѓа на сите сограѓани по багателни цени и јавни надавања каде се едни те исти луѓе учествуваат и по багателни цени го купуваат тоа што ние го создаваме.“

Дополнително, советникот од редовите на Левица истакна дека од ваквата политика на Локалната самоуправа, обичните граѓани нема да видат никаков бенифит додека локалните олигарси профитираат на сметка на народниот имот.

„95% од народот овде живее од ден за ден, на работ на егзистенција, задолжени со кредити и има најниски примања во Европа. Вие очекувате овие граѓани да купуваат општински имот и да започнат со градење на станови за продажба. Напротив! – Овие 95% од народот ги правите да бидат вечни кираџии и слуги за минималец, кај оние 5% што ви ги кажуваат нивните желби, а вие слепо им ги остварувате.“

На крајот од своето излагање посветено на оваа точка Костоски потенцираше дека советниците на Левица нема да дозволат распродажба на општинскиот имот по никоја цена.

„Сте напишале дека сте ги пресметале сите ризици за распродажба на општинското градежно земјиште и општинскиот имот. Еве мала исправка од нас. Ќе ја блокираме продажбата на општински имот и тоа по секоја цена! – Па колку тоа да го саката или не. Ќе работите и ќе најдете други средства за за пополнување на дупките од краденото за задоволување на апетитите на преоптоварената партиско-пасивна администрација.“