Поетска вечер со добитниците на наградите на Манифестацијата „Антево перо“ во КИЦ
На 27 ноември (среда),со почеток од 19 часот во Културно информативниот центар Скопје, Салон Империјал 2 ќе се одржи Поетска вечер со добитниците на наградите на Манифестацијата „АНТЕВО ПЕРО“.
Убавината и оригиналноста на овој настан, e во тоа што на едно место овојпат ќе бидат собрани и ќе се претстават со извадоци од своето поетско писмо, досегашните добитници на наградите „Антево перо“, „Антев златник и „Антев часовник“. Овие традиционални награди им беа доделени по конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик, реализирани во рамките на седумте досегашни изданија на „Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Вљубениците во поезијата ќе имаат ретка можност да слушнат квалитетни поетски сочиненија кои се одраз на новите модерни текови во македонската поезија, а се инспирирани од името и творештвото на нашиот поетски великан Анте Поповски.
Низ сценариото и програмата ќе водат професорките Татјана Алексиќ и м-р Митра Мими Спасова, кои ќе интерпретираат и одделни извадоци од творештвото на Анте Поповски и на други поети, а присутните посетители ќе имаат можност да проследат и видео материјали изворно со гласот на Анте Поповски.