АктуелноИнтервју

Поезијата како лекција, инспирација и начин за промена

Антропол: За почеток, кажете ни нешто повеќе за себе – кои се најважните моменти кои дадоа
придонес да станете автор покрај вашиот професионален ангажман како медицинска сестра?

Ц.Н: Професијата медицинска сестра е моја пасија, љубов којашто е засекогаш. А пишувањето на поезија пак е нераскинлив дел од мене. Од секогаш беше присутно, но некако притаено, повеќе само за мене-зачувано. Се охрабрив и ги направив моите први посериозни чекори на тоа поле за време на една прекрасна книжевно поетската работилница за креативно пишување-Есенски креативен мозаик, која беше реализирана од страна на врвни професионалци од книжевната област под покровителство на град Скопје и ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје. Работилницата имаше за цел да открие нови таленти и делата од истите беа објавени во алманах насловен како Есенски креативен мозаик.

Антропол: Вашето првенче во поезијата „Процвет“ го доби признанието „Душата на чаршијата“. Што ве инспирираше да ја создадете оваа книга, како го одбравте нејзиниот наслов, како изгледаше процесот на нејзиното создавање?

Ц.Н: Ме инспирираше љубовта кон пишаниот збор, но и најразличните животни ситуации, убавината и опојниот мирис на цвеќето, со еден збор животот којшто сите ние го живееме секојдневно. Името настана спонтано, а неговото значење е прекрасно, се надевам дека ќе се согласите со мене – Процвет, нешто што цвета, што носи подем, развој, благосостојба.
Во него е содржано и дел од моето име, а секако целината ја надополнува прекрасниот дизајн на корицата направен од страна на нашиот познат уметник и хуманист, Живко Поповски-Цветин, којашто го симболизира цвеќето на мирот.
Многу се радувам затоа што Процвет навистина предизвика ПРОЦВЕТ!
Една позитивна емоција, искра надеж, кај сите до коишто допре. Постапно, процесот траеше би рекла во последните 7 години, Процвет не настана преку ноќ и токму во тоа јас ја гледам убавината, во процесот на создавање!

Антропол: Вашата книга е поделена во четири циклуси. Што симболизира секој од нив и како се надополнуваат во целината?

Ц.Н: Книгата содржи 47 песни, расподелени во четири компактни циклуси: Победа над времето, кревкоста на животот, трепет на душата и еден цвет за поубав свет.
Во продолжение следува дел од рецензијата на почитуваниот г-дин Илија Мерковски, а се однесува токму на одговорот на Вашето прашање. Песните во стихозбирката ПРОЦВЕТ поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. Приказот излегува со нагласена издашност од пазувите на изворот за силната моќ на зборот, на допирот, на емотивноста и припадноста на просторот полн со љубов, мајчински трепет, духовен излив на сознанието, дефинирање на возможното преку подигањето и прифаќање на случувањата во мигот на сопственото сознание. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ. 

Антропол: Што за вас значи спојот на поетската и ликовната уметност преку делата на  д-р Јордан Невчев?

Ц.Н: Тоа значи едно цело! Прекрасен миговен спој на две прекрасни уметности.                             Вистинско уживање, се надевам за сите.

Антропол: Кои се клучните пораки што сакате вашите читатели да ги понесат од „Процвет“?

Ц.Н: Би сакала читателите да ја разберат чудесната моќ на зборот, тој може да лекува, но и да ги зададе најтешките рани, затоа и пораката на книгата е – секој изречен збор, ПРОЦВЕТ нека е!

Антропол: Како ја гледате улогата на поезијата денес и каква надеж имате за нејзиното влијание врз луѓето во иднина?

Ц.Н: Поезијата имала и секогаш ќе има значајна улога во сите сегменти од животот на луѓето. Таа има моќ да менува светови.

Антропол: Ако „Процвет“ е само почеток на вашето поетско патување, дали тоа значи дека можеме да очекуваме нови поетски дела од вас во иднина?

Ц.Н: Процвет е почеток на едно убаво цветно поетско патување кое се надевам дека ќе трае и ќе шири пријатен опоен мирис кој ќе допре до сите прекрасни луѓе. 
Им посакувам на читателите цветни мигови на радост! 
Би сакала да истакнам дека мојата втора збирка поезија насловена како Исихија ја доби наградата ,,Бели мугри“, на конкурсот објавен од страна на ЈУ Дом на култура  „Кочо Рацин“ – Скопје, под покровителство на град Скопје и истата ќе биде промовирана во склоп на манифестацијата ,,Денови“, во просториите на  ЈУ Дом на култура  „Кочо Рацин“ – Скопје.