АктуелноЛокално

Јанчев: Жал ми е за инцидентот, но за сестра се умира

Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев информираше дека нивната пратеничка група поднесе интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути поради блокадата на Законот за бранителите.

Како што истакна Јанчев, Даути беше задолжена во рок од 24 часа да свика седница на Комисијата за разгледување на законот, но не го сторила. Биле собрани потписи од членови на Комисијата, но претседателката повторно не свикнала седница. Исто така Даути е обвинета дека не им дозволува на членовите на Комисијата да го дополнат дневниот ред со Законот за бранителите.

Јанчев на прес-конференција во Собранието информира и дека вчерашниот инцидент настанал поради тоа дали премиерот Христијан Мицкоски треба да одговара на пратенички прашања и дали конкретно треба да биде повикан или не.

-Во моментот кога настана забуната, пратеникот од Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев упати навреди и беше спомната сестрата на Апасиев. Нашиот левичарски наратив е таков – насилство не трпиме и изби инцидентот. Жал ми е за инцидентот, но за сестра се умира и тоа е тоа. Не сакаме да се случуваат вакви инциденти, но не се плашиме и никогаш нема да премолчиме на вакви реакции и навреди, кажа пратеникот на Левица.