АктуелноЛокално

„Поетот и градот“ – Одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на Скопје со Влада Урошевиќ во КИЦ

На 13 ноември, Скопје ќе ја одбележи 80-годишнината од своето ослободување преку посебен настан насловен „Поетот и градот“, кој ќе се одржи во салонот Империјал 2 во Културно-информативниот центар со почеток во 12 часот. Ова чествување ќе биде посветено на поетот Влада Урошевиќ, значаен македонски автор и минатогодишен добитник на наградата „13 Ноември“ за публицистика.

Настанот е истовремено и посвета на деветте децении од раѓањето на Урошевиќ и шеесет и петте години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Еден друг град“, со која тој ја започнува својата литературна врска со Скопје. Академикот Урошевиќ ќе зборува за своите сеќавања на градот и за долгогодишната инспирација што го врзува неговото творештво со урбаната приказна на Скопје. Преку разговор со Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, присутните ќе слушнат за Скопје во различни периоди – пред и по Втората светска војна, пред и по земјотресот, и за градот низ поезијата на Урошевиќ, градот кој го носи духот на надреалното и реалното, на лавиринтот и сеќавањето.