Кина победува на сите полиња а Западот не се помирува со реалноста
На Запад често знае да се кука дека додека тие и нивните економии крварат сè во име на планетата и пожртвувано ги намалуваат штетните емисии, Кина продолжува без еко-кочници и затоа победува на сите полиња. Заклучокот е добар ама објаснувањето можеби и не баш. Можеби се работи за тоа што историскиот модел на хегемонија на кој навикнаа станува неодржлив. А Германија е најглупата.
„Кина победува на секој можен начин,“ напиша деновиве во Телеграф долгогодишниот експерт за енергетика и регулатива, Дејвид Блекмон, издвојувајќи ја главната поента на неговиот текст:
„Западот се деиндустријализира во потрага по нет-нула, ама Народна Република Кина не го прави тоа“.
Меѓу другото ќе напише:
Без разлика дали зборувате за електрични возила, ветер, сончева енергија, производство, преработка на минерали или контрола на синџирите на снабдување…. Кина навистина „победува во трката“.
Додека Обединетото кралство ги намалува сопствените емисии на јаглерод диоксид со радикална деиндустријализација на својата економија, дали тоа значи и намалување на глобалните емисии на јаглерод? Не, бидејќи Кина продолжува да гради повеќе нови електрани на јаглен отколку остатокот од светот заедно.
Со деиндустријализирање на сопствените економии, земјите од западниот свет едноставно ги пренесуваат своите емисии на јаглерод – и економската моќ – во Кина. Неизбежниот краен резултат ќе биде потчинетост кон Кина.
Интересна реплика стигна од Арно Бертран, претприемач (го продаде HouseTrip на TripAdvisor) и коментатор на економски и геополитички теми:
„Оваа статија е добар пример за доаѓање до вистинскиот заклучок (Кина навистина победува во повеќето димензии) врз основа на погрешно расудување:
Западот не се деиндустријализира во потрагата по нет-нула, тој самиот се деиндустријализира заради алчноста, глупавата идеолошка геополитика и ароганцијата.
Германија е пример за тоа: нејзиниот економски модел се засноваше на две работи, евтина енергија од Русија и кинескиот пазар. Глупавата геополитика ја натера да ги раскине односите со Русија и моментално е на пат да го направи истото и со Кина, нејзиниот најголем клиент, кого постојано го антагонизира од идеолошки причини. затоа што е субординирана на интереси кои не се нејзини.
Или земете ги САД: нула нет не е она што ја поттикна нејзината деиндустријализација, туку империјализмот, алчноста и ароганцијата. Верувањето дека може да престане да работи што и да е и тоа да го замени со подизведувачи од земји со „евтина работна сила“. Ова очигледно подразбираше сите овие земји да бидат потчинети на САД, заради што спроведуваа стратегија на светска воена хегемонија.
Ова функционираше сè додека земји како Кина решија да не се помират засекогаш да останат „евтина работна сила“, истовремено одбивајќи да го променат својот политички систем во таков кој ќе биде под управа на САД.
Кина „победува“ затоа што за разлика од Германија (и повеќето други западни земји) инсистираше да остане суверена наместо да биде потчинета на САД, постапувајќи прагматично во интересите на својот народ, наспроти интересите на Вашингтон.
Исто така за разлика од САД, Кина не тргна да ги потчинува другите и да ги преобратува идеолошки, туку остана жестоко фокусирана на себе – подобрување, правејќи бизнис со сите без разлика на идеологијата, не трошејќи апсолутно ништо на воени авантури во странство.
Така што, Кина победува, но не затоа што Западот е „воук“ или што било друго, туку затоа што неговиот историски модел на хегемонија кој функционираше 250 години станува неодржлив во мултиполарен свет.
Сега ќе мора да се тргне по напорното себе-подобрување и да ги разбере другите наместо да ги потчинува. Тоа сè уште не е разбрано (како што илустрира горенаведениот напис), а камоли да се почне со работата, па, ќе потрае малку…“, пишува Бертран на Х (Твитер).
Извор: ОффНет