Познат експеримент – Од 250 евра до „Трите мајмуни на мудроста“
Колумна на Давид Бошковски член на Црвена Младина.
Предизборен поткуп… Тоа е тактикатa на секоја наша влада, од осамостојување до ден-денешен. Во отсуство на реални и долгорочни решенија на секојдневните проблеми – кеширај со кеш.
Секоја влада била надвор од сферата на она што е супстанцијално за граѓаните, почнувајќи од борба и мерки за справување со сиромаштијата, па сѐ до оправување на системот од сериозно загрозената безбедност од мафијашки престрелки, руинираното здравство, непотизмот во правниот систем и недовербата во судството.
Не справувањето со трулоста на системот е во директен и индиректен интерес на владејачките елити. Па така, секоја влада одржувајќи ја сиромаштијата – ја искористува бедата на граѓаните за ‘поткуп’ за престојните избори. Тоа можеме да го забележиме и во новата мерка на владата која најави “помош“ за студентите со 250 евра за електрични уреди – средства со коишто, реално, во денешни услови би се покрила половина од цената на било кој електронски уред којшто би му користел на студентот во текот на неговите студии.
Неспорна е потребата за помош на студентите, младите, коишто стануваат малцинство во Македонија, но намерата на Владата, како и на секоја претходна, повторно е малициозна, краткорочна и деградирачка за нас, студентите.
Да се надоврземе и на тоа дека образованието од ден на ден сѐ повеќе се ближи до статусот луксуз. Давачките коишто ги имаат студентите кон факултетите растат енормно од семестар во семестар. Сместувањето во студентските домови е речиси невозможно бидејќи имаме дупло помалку легла од студенти на кои им е потребно домување во студентските домови, а со тоа се зголемуваат и давачките за кирии. Поради сите овие причини и уште многу други, владата ќе носи мерки со коишто се надева дека ќе успее привремено (до дента на изборите) да им го замагли видот на студентите.
Студенти! Не наседнувајте на очевидни поткупи од власта која единствено сака да ви ги замачка очите! Останете свесни за вашиот статус, гласно говорете за вашите проблеми, за проблемите на младиот човек во ова општество кои не се решливи со еднократни 250 евра. Имаме полно право на тоа бидејќи токму оваа влада ни нудеше брда и долини пред избори, а добивме дополнителни редовни трошоци на факултетите. Имаме право на тоа бидејќи наместо компетентност, и оваа владејачка гарнитура истрча да ги смести во фотелји докажаните крлежи на нашето општество! Имаме право на тоа бидејќи повторно и повторно нѐ владеат оние коишто со разни шеми се збогатиле на ваш грб, на наш грб и на грбот на вашите и нашите родители, а сега имаат намера да си го зголемат богатството со нашата мизерија.
Во овие услови, ние сме должни во полн сјај да ја покажеме и докажеме нашата природа и дух. Не само затоа што заслужуваме многу подобри услови, туку и за да спречиме пропаст на оваа парче земја – Македонија.