Насилството на ДУИ мора да запре

Пишува: Игор Смилев – член на Централниот Комитет на Левица и советник во Општина Велес

За вандализмот на ДУИ вчера во Собранието на Републиката, никој не очекува реакција!? Се разбира дека никој не очекува било каква реакција. Се разбира дека СДС на нашата земја ќе молчи. Се разбира дека и помалите коалициони партии во Владата ќе молчат со прегризан јазик. Се разбира дека Павле, Милевски и Морачанин ништо не видоа. Се разбира дека ќе молчи и Спасовски, ќе молчи и Уранија. Ќе се молчи и во зградата на Европската Унија, ќе се молчи и во амбасадата на газдарицата Брнс. 

Никој не виде како Арбер Адеми фрла со филџани и тацни по своите колеги и со тоа, на најдобар можен начин ја презентира вековната култура научена во Мала Речица – тој културен Пантеон на Македонија денес. 

Платените „анал итичари“, кои по свое мислење доаѓаат секое утро во едно скопско кафуле во Дебар маало, и денеска ќе ги запоседнат телевизиските канали и ќе нè  убедуваат во исправноста од демократското хистеризирање и евроатланското фрлање со филџани на кусофителниот Арбер! 

Од друга страна, сиот слободоумен и културољубив свет, ќе поита на улиците, со знамиња и други обележја да го прослави новиот културен триумф на ‘Државниот’, од Министерството за култура, Азири, кој суптилно и со многу чувство и разбирање истакна дека доаѓа денот кога некои нови генерации Албанци ќе кршат раце, нозе, вилици и ребра на некои нови несогласници со племенските политики на Мала Речица. 

Министерката за култура пак, која веќе е во тешка кавга со својот заменик од Алтернатива (кому му е одземено правото на потпис) и денес ќе молчи во врска со културниот проект на својот Државен секретар, кој засега се води под работен наслов “Културно скршени нозе за сите“. 

Во меѓувреме, ќе потрае тешкиот мобинг во министерството од страна на коскокршачот Азири, унапредувањето на 22 службеници исклучиво од албанска националност во еден ден и тешките дебакли на македонската културна политика со него и изгубената министерка во скафандер на чело. 

Иронијата на страна, ова лудило мора да запре. Мора да се стави крај на племенското однесување на неспособните кадри на ДУИ и нивните молчеливи одобрувачи од СДС на нашата земја. Ова повеќе не е прашање на политички калкулации. 

Ова веќе е прашање на Слобода и гол опстанок на државата!