„Писма од лудница“: Поттикнување на критичко размислување преку оживување на заборавеното знаење

Интервју со Срѓан Ивановиќ, македонски новинар и автор, познат по своите креативни дела „Крвава уметност“ (2015) и „Писма од лудница“ (2022) во литературниот свет

Антропол: . Што ве инспирираше да ја напишете „Писма од лудница“? Многумина ја гледаат како политички трилер со длабоки општествени теми. Кажете ни повеќе за процесот на нејзиното создавање и што сакате да пренесете со ова дело?

С. И: Кога една голема и убава земја се распаѓаше јас имав 13 години и бев премлад за да знам што точно се случува. Тогаш до мене допираа информации, за кои по многу години се уверив дека или не биле точни или се само делумно точни. Тоа ме инспирираше да направам обемно истражување за распадот на Југославија и да дојдам до коренот на раздорот, односно до нуклеусот на сите проблеми. Мислам дека дојдов блиску до одговорот и многу сум горд на тоа. Инаку „Писма од лудница“ е политички трилер бидејќи тоа е најпопуларниот жанр во моментов во литературата и така најлесно можат да се пласираат сознанијата и толкувањата со кои успеав да дојдам до публиката. Со ова дело сакам да пренесам заборавено знаење и да го оживеам критичкото размислување.

Антропол: Менталното здравје игра централна улога во вашиот роман. Што ве мотивираше да го користите како метафора за раскажување на приказната за југословенската историја и политичките конфликти? Дали се поврзува оваа тема со „колективните трауми” на општеството?

С. И: Секако дека се поврзува. Менталната состојба на југословенските народи во 90-те беше катастрофално лоша. Но, шизофреничноста постои и денеска, и тоа најдобро се гледа во настапите на некогашните истакнати членови на Сојузот на комунисти, кои денеска се евроентузијасти и покорни поданици на крупниот капитал.

Антропол: Главните ликови, Војдан и Илија се интересен спој на две различни генерации. Што сакате да му покажаете на читателот преку нивната интеракција? Дали оваа врска ја отсликува промената на политичките и општествените идеи низ времето?

С.И: Делумно е така. Војдан е реликт од едно дамнешно време, кое мноумина би сакале да го заборават. Војдан е модерен човек, образуван, но во исто време наивен и неподготвен за животот на улица. Тие двајцата се познаваат, но како да се од различни планети. Токму десолуцијата на Југославија ни донесе нови, отсечени општества, во кои живеат луѓе неспособни да решат крстозбор.

Антропол: „Писма од лудница“ влезе во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2022 година. Дали тоа го очекувавте и како реагираше публиката?

С.И: Публиката реагираше фантастично на книгата, која повеќе пати беше препечатувана. Навистина сум горд на тиражот и малку изненаден од бројноста на читателската публика.

Антропол: Книгата се занимава со агентите на УДБА и распадот на Југославија. Колку историските настани влијаеја врз вашата нарација и дали постојат некои ваши лични искуства вклучени во приказната?

С.И: Сите ликови и делови од драматизацијата се измислени, но романот е ставен во историски точна рамка.

Антропол: Какви беа впечатоците од завчерашниот настан во Градската библиотека? Како беше прифатена вашата книга од читателите кои присуствуваа?

С.И: Повторно се изненадив и тоа позитивно. Голем број на луѓе што ја прочитале книгата поставуваа паметни прашања и се разви плодна дискусија.

Антропол: Кампањата „Читаме современи македонски автори“ има цел да го промовира македонското книжевно творештво. Како гледате на ваквите иницијативи и нивното влијание врз македонската литература?

С.И: Тоа е ендемски проект и не памтам дека нешто слично досега било организирано. Навистина сум затечен од креативноста на луѓето од библиотеката и сметам дека тие прават навистина многу за домашните автори.