Интернационално

САД одговарија на предлогот на Путин за промени во нуклеарната доктрина на Русија

Државниот секретар Ентони Блинкен ги осуди коментарите на претседателот Владимир Путин околу промените на руската нуклеарна доктрина како „неодговорни“.

Предупредувањето на претседателот Владимир Путин дека Русија планира да ја ажурира својата национална нуклеарна доктрина е „неодговорно“, според американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Во средата, Путин посочи дека според ревидираната верзија на руската нуклеарна доктрина, секоја агресија врз земјата од страна на ненуклеарна држава со учество или поддршка на нуклеарна држава може да се смета за „заеднички напад“ и да се премине нуклеарниот праг. Предложената промена имплицира дека новите правила би можеле да важат за украински напад длабоко во Русија со напредно оружје испорачано од САД, Велика Британија или Франција.

„Тоа е целосно неодговорно“, рече Блинкен во интервју за „MSNBC“ во четвртокот, обвинувајќи го Путин за „ѕвечкање со нуклеарно оружје“. Тој, исто така, посочи дека коментарите на рускиот претседател биле лошо темпирани, бидејќи светските лидери се собираат во Њујорк на Генералното собрание на ОН оваа недела и ја повика меѓународната заедница да разговара за „потребата од повеќе разоружување и неширење на нуклеарното оружје“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во меѓувреме, објасни дека предлогот на Путин за ажурирање на нуклеарната доктрина има за цел да послужи како предупредување за западните држави за поддршка на зголемената украинска и НАТО закана против Русија или нејзиниот клучен сојузник, Белорусија.

„Ова е сигнал за предупредување до овие нации за последиците од нивното учество во напад врз нашата земја со различни средства, вклучително и ненуклеарни“, рече Песков, додавајќи дека е сигурен дека сите разумни лидери и аналитичари ја разбрале тежината на најавата на Путин.

Путин не објасни кога ќе стапат на сила промените во руската нуклеарна доктрина.

Претходно, рускиот лидер постојано изразуваше резервиран став за прашањето за нуклеарното оружје, изјавувајќи во јуни дека се надева дека нуклеарна размена меѓу Москва и Западот никогаш нема да се случи.