Левица: ДПМНЕ и ЗНАМ молчат додека функционерите на ВРЕДИ ги злоупотребуваат државните ресурси

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, и покрај тоа што во својот анкетен лист има пријавено ПЕТ сопствени возила, забележан е како користи службено возило за партиски потреби, продолжувајќи ја праксата воспоставена од Артан Груби, а унапредена од свадбарот Африм Гаши за еклатантни злоупотребувања на службени возила.

Токму ова е уште еден скандал од функционерите на ВРЕДИ, владеачкиот партнер на ДПМНЕ, што деновиве ја разбранува јавноста – ДПМНЕ и ЗНАМ молчат.

Ја потсетуваме јавноста дека Арбен Фетаи ниту владее со македонскиот јазик, ниту, пак, пред да стане системски паразит, има живеено во Македонија.

Професионалната политичка кариера на Фетаи секогаш му била врзана за интересите на косовските Албанци, како соработник на Албин Курти. Согласно ова, не претставува никакво изненадување тоа што средствата од македонскиот народен буџет ги смета за туѓи.

Овие постапки на Арбен Фетаи не само што ја нарушуваат транспарентноста и доведуваат до зголемена недоверба во институциите, туку, исто така, се и противзаконски! Имено, според Законот за спречување на корупција, конкретно во членот 54, наведено е дека „Секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени“.

Жално и разочарувачки е тоа што како држава направивме само замена од тоа „проевропската“ СДС како владеачка партија да ги толерира и штити дивеењата на нивниот коалиционен партнер ДУИ до „патриотската“ ДПМНЕ да ги толерира и брани дивеењата на ВРЕДИ, особено бидејќи ДПМНЕ имаат 59 пратеника и коалицијата ВРЕДИ не им е потребна за формирање на владеачко мнозинство.

Политичката партија Левица е посветена на борбата против корупцијата и заштитата на јавниот интерес и согласно тоа, во својата програма предвидува строг надзор за употреба на службените возила како:

Воведување специјални црвени регистарски таблички за службените возила на државните органи, општините и јавните претпријатија – по кои тие јасно ќе се разликуваат од обичните.

Воведување на задолжителни GPS локатори, со цел мониторинг на тоа кој, каде и за што ги вози службените возила.

Ограничување на бројот на службени возила на министерствата на максимум 3-5 автомобили и воведување лимит од максимум 15.000–20.000 ЕУР по возило за секоја институција, се вели во соопштението на партијата.