Груби: Ахмети направи повеќе за Косово отколку за Македонија

На гостувањето во емисијата „Балкански муабети“ на новинарот Франко Ерго на Еуроњус Албанија, Министерот Артан Груби зборуваше за односот помеѓу високите функционери на ДУИ и делумно признаената држава Косово.

На прашањето дали преку иницијативата „Отворен Балкан“ лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерите на Албанија и Црна Гора Еди Рама и Дритан Абазовиќ, двајцата Албанци, му прават штета на Косово, Груби рече дека Ахмети направил повеќе за Косово, отколку за Македонија и дека врз основа на овој факт, Ахмети не може да направи или да мисли ништо лошо за Косово, пренесуваат медиуми на албански јазик.

Освен тоа дека Ахмети направил повеќе за Косово отколку за Македонија, Груби истакнал дека во четири земји „доминираат албанските елементи“, со што практично ја нагласи желбата на ДУИ за супериорност и доминација на албанците врз останатите народи.

„Косово во која било регионална иницијатива е четврта земја со Албанци, a го имате Един, мене и Али, го имате и Дритан. Во четири од шесте земји на Западен Балкан доминираат албански елементи и не можат да дозволат Косово да биде оштетено и дискриминирано”, истакна Груби.

Министерот за политички систем, кој зема плата од Македонија, а по се, се’ чини дека и одработува за туѓи државни интереси, додаде дека Косово би имало многу можности и придобивки од „Отворен Балкан“.

„Можете да учествувате како набљудувач, како што тоа го прави Дритан, можете да одлучите дека билатералните договори се само билатерални. Косово може да ги потпише тие договори за слободно движење на луѓе и стоки за да си помогне и да си помогнеме меѓусебно, меѓу Приштина и Скопје, Приштина и Тирана”, изјави Груби.

Toj додаде дека Македонија ги има Охридскиот и Преспанскиот договор, како многу силни и значајни документи, дека Албанците имаат и универзитети на албански јазик и учество во власта на највисоко ниво.