Мециновиќ: Левица предлага Закон за ограничување на кириите во интерес на студентите, работниците и самохраните родители
Прес – конференција на пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ:
,,Левица предлага воведување на максимален износ за кирии, или, народно речено, Левица предлага ограничување на кирии.
Со измените во Законот за домување, предлагаме воведување на максимална граница за изнајмување на станови на месечно ниво.
Законодавецот вешто во овој момент во законот има предвидено минимална граница за изнајмување на станот, која изнесува една дванаесеттина од два посто од станот. Тоа би значело негде за стан од 100 илјади евра, тоа значи минимална закупнина од 166 евра.
Левица предлага воведување на максимална граница и тоа во износ од три отсто од вредноста на станот, што би значело дека за истиот стан максималната вредност би била негде 250 евра.
Ова го предлагаме од две причини: прво, во комуникација со студентски организации, студентски претставници, заклучено е дека бројот на леглата студентски во Скопје е на алармантно ниво. Ако 2020 г., тој бил 4000 легла, сега е, речиси, 2 000 легла. Овој проблем нема да се санира скоро и во комуникација со студентските организации дојдовме до заклучок дека санирање општествено на овој проблем е потребно. Една од овие санации кои можеме да ги предложиме е токму ова, а тоа е ограничување на износот за изнајмување на кириите.
Во друга страна, ова во Европа веќе го има како пракса. Има многу држави кои имаат креативни решенија за ограничување на можноста за рентање на станови, па така Холандија има ограничување на можноста за покачување на закупнината. Германија има конкретно вакво ограничување со горна граница како ние што предлагаме, така што сакаме да посочиме на тоа дека Македонија е социјална држава.
Освен студентите, со овој проблем се соочуваат самохраните родители, се соочуваат работници од внатрешнината на Македонија. И, едноставно, заради карактеристиката на Македонија како социјална држава, овој проблем мора да се санира на вистински начин, а не изнајмувањето станови да претставува одреден бизнис.
Сакаме да потенцираме дека на универзитетите има нови давачки и нерационални давачки, така е и со Универзитетот УКИМ, кој сега на студентите им предвидува нови 5000 ден. давачки, така што во целиот овој контекст, ние го предлагаме овој закон по скратена постапка, затоа што не е сложен и обемен законот и бараме поддршка од сите пратенички групи за него.“, се вели на прес-конференцијата на портпаролот и пратеник на Левица, Амар Мециновиќ по повод поднесување на Закон за максимално ограничување на кириите.