Сиљановска дипломатски понижена во Софија: Пречекана од Радев како претседателка на непостоечка држава без знаме како што е протоколот
За првпат во историјата на независна Македонија, претседател на Македонија оди на средба со странски претседател или државник, во официјална посета, но без макдонско знаме.
Сиљановска Давкова денеска се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, а во официјалното соопштение кое го испратија од кабинетот на Сиљановска, никаде на фотографиите не може да се најде македонското знаме.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Софија оствари тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, на кој покрај претседателката Сиљановска Давкова присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
На средбата со бугарскиот претседател се разговараше за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области.
Претседателката посочи дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.
Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.
Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење на односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што беше истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, којашто придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.
На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.
Во интерес на унапредување на мултисекторската соработка, соговорниците ја посочија можноста за вклучување покрај на институционалните и на вон-институционалните чинители, граѓанскиот и бизнис секторот, како и на научно – образовните институции и медиумите.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифати.
Претседателката Сиљановска Давкова на средбата изрази сочувство за денешниот трагичен инцидент во Бугарија, во кој при пад на воен авион, загинаа двајца пилоти на бугарската авијација. – стои во официјалното соопштение.
Недозволена грешка или тенденциозна порака? Има ли претседателката протокол кој ќе ѝ укаже, доколку самата не знае, дека НЕ СМЕЕ да присуствува во официјална посета без македонското знаме?