Славјанка се закани на Путин: Русија го наруши мирот во Европа, заложба на сите е да се брани меѓународниот поредок

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше работен состанок, со фокус на клучните одлуки од Самитот на НАТО во Мадрид. На состанокот присуствуваа амбасадорите и одбранбените аташеа на земјите членки на НАТО и државите поканети за членство во Алијансата – Шведска и Финска.

Според соопштението на Министерството за одбрана, Петровска истакна дека донесувањето на новиот Стратешки концепт, засилувањето на заедничката одбрана и одвраќање, како и силната политичка и практична поддршка за Украина ќе овозможат прилагодување на новата безбедносна реалност на континентот, со цел НАТО да продолжи да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки.

„Заложбата на сите е дека треба одлучно да се брани и одбрани меѓународниот поредок заснован на правила, демократија, индивидуални слободи и човекови права. И покрај разликите, сојузниците отсекогаш можеле да се обединат околу основната цел: да се бранат едни со други и да ги чуваат луѓето безбедни“, рече Петровска.

Ставот на Славјанка е дека руската специјална операција врз Украина го наруши мирот во Европа. Таа кажа дека оваа воена интервенција ги сплоти сојузниците од НАТО, и додаде, дека во ера на променета безбедносна архитектура и стратешки натпревар на европскиот континент, како што ги нарече таа, авторитарните режими ги оспоруваат основните принципи за нашата безбедност.

„Во ера на стратешки натпревар, додека авторитарните режими ги оспоруваат основните принципи за нашата безбедност, заедно со 32 нации на масата ќе бидеме уште посилни, а нашите народи уште побезбедни.“ – стои во објавата на Министерката.