Објавена книгата „Поеми“ на поетесата Мирјана Стојановска
Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола ја објави книгата „Поеми“ во која се сместени двете поеми „Судбината на буквите“ и „Бегалци од својот дом“ на битолската поетеса Мирјана Стојановска. Уредник на изданието е Владимир Тиловски, а рецензенти на поемите се Весна Мундишевска-Велјановска и проф. д-р Кристина Николовска.
„ Судбината, во поемата „Судбината на буквите“ од Мирјана Стојановска, е сумативен еквивалент на патешествувањето низ историјата и предодреденоста на постоењето – она на буквите, на гласот, на писмото (Кирилицата), на јазикот, на татковината, на Човекот. Тоа е патување по преплетените патишта на осведочените збиднувања и потрага по милионите кодови кои излегуваат од буквите на нашата азбука. Секоја почетна графема на десетте целини иницијално го извикува името Македонија, што е всушност сржта на поемата. Таа истовремено е и нејзиното сиже, но и главниот лик кој блеска со својата посебност“, истакнува Весна Мундишевска-Велјановска, која ја изработи корицата на книгата и ја напиша новата рецензија за ,,Судбината на буквите” токму за ова издание на поемите во една книга.
Спецификите на поетскиот израз и комплексноста на времето во кое се создадени поемите го истакнува и рецензентката проф. д-р Кристина Николовска.
„Поемата „Бегалци од својот дом“ од Мирјана Стојановска претставува извонредно поетско-филозофско комплексна поетска книга која на специфичен начин го анализира современото општество и прашањето на бегалските и егзистенцијалните кризи во нашата земја и во светот. Таа ја гради својата поетска и поемска мисија во време на „луѓе бројки“, во време на „парцели“, во време на нумерирани патници и затвореници, во време на проценти“.